3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАJР Morgan: Постои опасност од четврта спасувачка програма за Грција

JР Morgan: Постои опасност од четврта спасувачка програма за Грција

Американската банка „JР Morgan“ смета дека Грција ќе има потреба од дополнителни околу 20 милијарди евра за периодот 2019-2020 година, односно откако истече нејзината трета спасувачка програма, објави „Катимерини“, цитиран од агенциите.

Во извештајот на банката се тврди дека ако владата во Атина не изврши слична продажба на обврзници како оваа од 25-ти јули, на Грција ќе и биде потребна четврта програма.

Потсетуваме дека на крајот на јули земјата продаде долг на инвеститори за првпат од 2014-та година, па наваму. Емисијата беше реализирана откако земјата постигна договор со кредиторите за ревизија на спасувачката програма. Атина има постигнато подобар од очекуваниот принос – 4,375 поени, за нова емисија петгодишни обврзници.

Според аналитичарите за да може Грција да излезе на „чисто“ од третата спасувачка програма до август 2018-та година, земјата треба првенствено да докаже дека добила непречен пристап на пазарите и дека е во состојба да ги задоволи повеќето од своите потреби.

Ако Грција не успее да го стори тоа, тогаш таа ќе биде доведена до четврта спасувачка програма.

Истите аналитичари проценуваат дека Грција треба да излезе на пазарите уште два-три пати до август 2018-та година.

Во исто време, сепак, според американската банка Грција треба да продолжи да се придржува кон реформите, а Европејците да пристапат кон натамошно олеснување на нејзиниот долг, па земјата да добие пристап до програмата за квантитативни олеснувања на Европската централна банка (ЕЦБ).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП