Северновардарскиот и Охридско-преспанскиот Регион денеска ќе бидат зафатени со температури од портокалова фаза, односно над 40 Целзиусови степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Времето во Македонија денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен североисточен ветер. Утринската температура ќе се движи од 10 до 19, а дневната од 33 до 40 степени. УВ-индексот ќе изнесува 9.
Во Скопје времето ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен североисточен ветер. Утринската температура ќе достигне до 18, а дневната 40 степени.
УХМР информира дека продолжува периодот на претежно сончево и многу топло време. Во поголем дел од земјата максималната температура ќе достигнува над 35, а на места по должината на Повардарјето ќе надмине и 40 степени.
Особено топло ќе биде во деновите од викендот кога максималната температура во најтоплите региони ќе достигне до 42 степена. УВ-индексот ќе биде многу висок, со вредност 9.