19 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИАмерикански телевизии постигнаа договор за 14.6 милијарди долари

Американски телевизии постигнаа договор за 14.6 милијарди долари

„Discovery Communications“, сопственик на „Discovery Channel“ и „Animal Planet“, ја купува „Scripps Networks“ за 14.6 милијарди долари, пренесува „ВВС“.

Меѓу каналите на „Scripps“ се „Food Network“ и „Travel Channel“. Се смета дека двете компании имаат 20% од просторот на гледачи во САД. Телевизиите соопштија дека договорот ќе им овозможи да се натпреваруваат подобро со онлајн каналите. Компании, како „Amazon“ и „Netflix“, ја зголемуваат конкуренцијата во секторот.

„Discovery“ и „Scripps“ се соочуваат со потешкотии и со променливите модели на дистрибуција, бидејќи кабелските телевизии одговараат на намалениот број на претплатници со сопствени онлајн платформи и поевтини пакети со помалку канали.

„Веруваме дека со обединувањето со „Scripps“ ќе создадеме силна, пофлексибилена и подинамична медиумска компанија со глобална содржина која може да биде целосно оптимизирана и да донесе профит за комбинираните мрежи, производи и услуги во секоја земја во светот“, рече генералниот директор на „Discovery“, Дејвид Заслав.

Понудата ја проценува „Scripps“ на 90 долари за акција – со 34% повеќе во однос на цената при првичното објавување на договорот претходно овој месец. Врз основа на договорот во вредност од 14.6 милијарди долари, „Discovery“ го презема долгот од 2,7 милијарди долари на „Scripps“.

Компаниите соопштија дека очекуваат да заштедат 350 милиони долари преку партнерството што треба да биде одобрено од регулаторите. Се очекува зделката да биде завршена во почетокот на 2018-та година.

Меѓу каналите на „Discovery“ се уште „Science“, „Turbo / Velocity“ и „Eurosport“. Компанијата, чија централа се наоѓа во близина на Вашингтон, имаше околу 7.000 вработени на крајот на 2016-та година.

„Scripps“, која се наоѓа во Тенеси, поседува меѓународни компании, како „UKTV“ – заедничка компанија со „BBC Worldwide“ и „TVN“, водечката платформа за животен стил и вестите во Полска.

Информациите за можно спојување се појавија претходно овој месец, што ја зголеми цената на акциите на двете компании. Цената на акциите на „Scripps“ остана речиси непроменети при објавувањето на договорот во понеделникот, а се зголеми само со 0,7% во почетокот на трговијата.

Цената на акциите на „Discovery“, која го најави и профитот за кварталот, падна за речиси 7%.

Според аналитичарите од компанијата „Moffett Nathanson“, договорот може да донесе некои бенефиции, но најверојатно нема да им промени во долгорочните предизвици на двете компании.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП