20 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОПозната е програмата за Супер купот

Позната е програмата за Супер купот

Во пресрет на УЕФА Супер купот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, едни од најголемите фудбалски клубови во светот, Град Скопје со полна пареа ги реализира и последните подготовки за активностите во „неутралната фан зона“, која ќе биде лоцирана во центарот на градот на плоштад „Македонија“.

Заради овој голем дуел на националната арена „Филип Втори“ на 8-ми август, градската управа во соработка со УЕФА, партнерите на УЕФА и ФФМ подготви дводневна богата музичка програма и активности во оваа фан зона.

Град Скопје подготви специјални “meeting points” за двете групи на навивачи од каде ќе се упатат кон арената во боите на својот омилен клуб. Навивачите на Реал Мадрид ќе се сретнат на плоштад „Филип Втори“, а навивачите на Манчестер Јунајтед на платото пред спомен куќата на „Мајка Тереза“.

Сите активности и целосната музичка програма подготвени ќе се оддржат во „неутралната фан зона“ на плоштад „Македонија“ каде на неутрална позиција сите фанови ќе можат да се забавуваат и да уживаат во еуфоричната атмосфера.

Неутралната фан зона ќе биде отворена на 7-ми и 8-ми август, од 11 часот па сè до 19 часот. На 7-ми август во 11часот ќе започне грас-рут турнирот помеѓу момчиња а во склоп на „Трофеј турата“ од страна на ФФМ. Девојчињата кои ќе се натпреваруваат на грас-рут теренот ќе започнат во исто време наредниот ден.

Сите кои ќе ја посетат „неутралната фан зона“ ќе имаат можност да се фотографираат со трите трофеи на УЕФА, трофеите на Супер купот, Лигата на шампионите и Лига Европа, а за анимирање и забавување со фановите секако ќе се погрижи и маскотата на Супер купот 2017. Дополнителни активности ќе бидат организирани и од главните партнери на УЕФА Pepsi, Heineken, Master Card и Nissan.

Првиот ден на големата бина на плоштад „Македонија“ ќе настапат Симона Попоска, DJ Mats, Contru DJ и DJ Branchez, додека во вторник на осми август се очекуваат настапите на феноменалните Сара Мејс, DJ Dela, Brass Brothers и DJ Bobi.

Покрај сите досегашни подготовки за претстојниот натпревар, Град Скопје претстави и промотивно видео со цел да ги запознае странските посетители со знаменитостите и убавините на главниот град. Навивачката еуфорија се очекува да ги исполни улиците на Скопје во деновите кои претстојат, а истата дефинитивно ќе кулминира на 8-ми август кога очите на јавноста и љубителите на фудбалот од целиот свет ќе бидат упатени кон Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП