Европската унија (ЕУ) е подготвен да дејствува веднаш, ако новите санкции на САД против Русија влијаат на енергетската безбедност на заедницата. Тоа го коментира претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, цитиран од прес-центарот на ЕК.
Темата била разгледана за време на одржаната седница на колегиумот на комесарите. На специјална прес-конференција заменик-претседателот на ЕК, Франс Тимерманс одби да коментира каков одговор може да даде Европа на овие санкции.
Јункер сепак посочи дека новите санкции кои ги усвои САД имаат „непредвидени еднострани ефекти врз интересите на ЕУ во областа на енергетската безбедност“.
„ЕУ е целосно посветена на режимот за санкции против Русија“, потврди тој, но додаде дека ако стравувањата на заедницата не бидат земени во предвид од Вашингтон, ЕУ ќе биде подготвена за отпор.
„Америка на прво место не треба да значи, дека интересите на ЕУ ќе бидат ставени на последно место“, рече уште претседателот на Комисијата.
Брисел ги има активирано сите дипломатски канали за случајот, потврдија од ЕК пред неколку дена. Денес од институцијата уверуваат дека ќе реагираат „брзо и кога ќе се наметне“, ако законот стапи во сила.
Претставничкиот дом на Конгресот го одобри пакетот од нови санкции против Русија, Северна Кореја и Иран. За да влезат во сила, текстовите треба да бидат усогласени меѓу двата дома на американскиот парламент, односно и со Сенатот. Законот треба да биде потпишан и од претседателот Доналд Трамп.
Новите санкции предвидуваат казни за компании во енергетскиот сектор, кои учествуваат во проекти во кои имаат учество и руски компании (кај повеќе од 33%). Ова ги става под закана имплементацијата на новите руски проекти, диверзификацијата на снабдувањето – вклучувајќи и на терминали за течен гас во Балтичко Море, како и управувањето со веќе постоечките енергетски проекти.