4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМТСП: Усвоени проекти за унапредување на животниот стандард на пензионерите

МТСП: Усвоени проекти за унапредување на животниот стандард на пензионерите

На денешната седница на Советот за социјална сигурност беа разгледани предлог-проекти за подобрување и унапредување на социјалната сигурност и животниот стандард на корисниците на пензија во периодот 2018-2020 година.

Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека на почетокот на 2018 година ќе се воведе задолжително издавање преглед за стаж и плати, со потврдени податоци во матичната евиденција, и тоа за сите работници, три години пред исполнување на условите за пензија; пензиите ќе се усогласуваат два пати годишно, според порастот на трошоците на живот во висина од 50 отсто и порастот на платите во висина од 50 отсто и ќе се разгледува можноста за дополнително усогласување доколку се бележи раст на економијата.

Исто така, ќе се донесе подзаконски акт за утврдување минимална и максимална цена на сместување во приватните установи за грижа на старите лица, како и зајакнување на контролата во овие установи, ќе се воведат нови пакувања на лекови, како и можност за подигнување терапија на парче за хронично болните пациенти, за хронично болните лица ќе се овозможи подигнување тримесечна терапија и ќе се унапреди соработката со невладиниот сектор за обезбедување социјални и здравствени услуги на старите лица.

На седницата исто така се утврди потребата од продолжување на проектот за бањско-климатска рекреација за пензионерите, со можност за ревидирање на критериумите за упатување на користење на услугата.

Во Советот за социјална сигурност членуваат претставници од: Сојузот на здруженијата на пензионерите, Црвениот крст на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за финансии, Министерството за економија, Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Македонија, МАПАС и двете пензиски друштва.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП