3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Париз – Германскиот производител на хируршки средства за еднократна употреба Браун Медикал, двојно ќе ги зголеми производните капацитети во Унгарија благодарение на инвестицијата од четири милијарди форинти (13,5 милиони евра). Новите фабрички хали ќе зафаќаат површина од 2.900 метри квадратни, а се предвидува и нов магацин со површина од 2.200 квадратни метри.

Сараево – Рафинеријата на нафта во Босански Брод, која е во руска сопственост, работи со големи загуби, а нејзината задолженост девет пати ја надминува вредноста на основниот капитал, утврди ревизорската куќа Дилоит. Босанскобродската рафинерија 2012 година ја заврши со нето загуба од 51,7 милиони конвертибилни марки (околу 232 милиони евра), се наведува во ревизорскиот извештај на Делоит. – Краткорочните обврски поголеми се од обртниот имот на рафинеријата за 417,7 милиони конвертибилни марки (над 213 милиони евра), а нето задолженоста е 10 пати поголема од капиталот – стои во извештајот.

Загреб – Фирмата Крклец метал од Хума на Сутла е инвеститор и сопственик на електрана која вчера официјално почна со работа и производство на електрична енергија во Крапинско-загорската жупанија. Се работи за интегрирана фотонапонска електрана со сила од 30 киловати, а откупот на електрична енергија е договотен со Хрватската енергетска регулаторна агенција по цена од 2,23 куни за киловат час во следните 14 години, потврди сопственикот и директор на компманијата Иван Крклец. Првата соларна електрана во Загорје е изградена на кров на деловен објект на фирмата Крклец метал, која во целост го финансираше проектот и тоа 25 отсто со сопствен капитал, а 75 отсто со кредит.

Загреб – Хрватското Министерство за стопанство има намера на Црна Гора да и предложи распишување на заеднички конкурс за истражување и експлоатација на резерви на нафта и гас на самиот југ на Хрватска, пред да се постигне конечен договор за границата на морето меѓу двете држави. – Тоа би било логично. Бидејќи вредноста и атрактивноста на работата порасна, така од тоа сите ќе имаме корист. Конечно тоа би можело да биде и поттик со тој договор да се реши и прашањето за границата на морето – изјави извор од загрепскиот весник Вечерњи лист, од ресорното министерство.

Лисабон – Инфлацијата во Португалија во април забави на 0,2 отсто, а цените мируваа во однос на претходниот месец, соопшти тамошниот Завод за статистика. Во соопштението се наведува дека во март инфлацијата изнесувала 0,5 отсто, додека цените се зголемени за 1,7 отсто. Португалската влада очекува дека инфлацијата на ниво на цела година ќе изнесува 0,7 отсто. Владата наведе дека постигнала договор со ММФ и ЕУ за нова радикална акција со цел да се средат јавните финансии, која вклучува висок раст на даноците.

Техеран – Иран не е задоволен од сегашните цени на нафтата, изјави иранскиот министер за нафта Ростам Касеми, повикувајќи ја Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК да го намали производството за да го неутрализира падот на цените на нафтата. ОПЕК минатата недела го зголеми производството на 30,21 милиони барели дневно, од априлските 29,93 милиони, не менувајќи ја прогнозата за глобалната побарувачка на тој енергенс. Меѓутоа, тоа предизвика пад на цените на нафтата во Азија.

Париз – По успешното спојување на компаниите Гленкор и Екстрата, завршено на 2 мај оваа година, новиот англо-швајцарски гигант во производство на суровини ГленкорЕкстрата објави дека во првото тромесечје оваа година го зголеми производството на бакар за 18 отсто, на годишно ниво, додека производството на енергенси стагнираше. Производството на бакар од сопствените рудници достигна обем од 321.800 тони во првото тромесечје, се вели во соопштението кое го пренесе швајцарскиот весник 20 минути.

Љубљана – Обврзувачки понуди за купување на 53 отсто акции на словенечкиот Меркатор предадоа само концернот Агрокор и финансискиот фонд МИД Европа Партнерс, пренесоа словенечките медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации. Рокот за предавање на обврзувачките понуди истече во петок, а понуди не дале фондовите ЦВЦ Капитал и Баин Капитал иако биле учесници на претходната постапка за продажба на ланецот. За сега се уште нема официјални информации, а со стигнатите понуди кои се под очекувањата на сопственикот во вторник ќе се запознае надзорниот одбор на Меркатор, наведуваат медиумите во Словенија.

Париз – Според првите проценки на Централната банка во Париз, Франција во вториот квартал оваа година очекува благ раст на БДП од 0,1 отсто. Прогнозата е идентична на таа што ја објави Националниот институт за статистика и економски истражувања ИНСЕЕ. Додека Европската комисија за цела 2013 година предвиде дека Франција ќе забележи пад на БДП од 0,1 отсто, француската влада за сега ја задржа прогнозата за раст од 0,1 отсто.

Вашингтон – Активноста на банкарскиот систем во сенка, скокна во Кина за околу 70 отсто во последните две години, соопшти американската агенција за кредитен рејтинг Мудис. Под банкарство во сенка се подразбираат фондови кои вложуваат во нискоризични хартии, но овозможуваат поголем принос од што клиент би добил да штеди во банката. Во таа група се вбројуваат и други инвестициски фондови, како што се индексните фондови, хеџ фондовите, финансиските компании кои тргуваат со хартии, а одобруваат кредити или гаранции за кредити.

Пекинг – Малопродажбата во САД во април е зголемена за 0,1 отсто во однос на претходниот месец, поттикната од продажбата на градежна опрема и опрема за градини, покажаа податоците на американското Министерство за трговија. Минатиот месец приходите од малопродажбата пораснале на 419 од 418,7 милијарди долари од март, кога се намалени за ревидираните 0,5 отсто, кога од пресметувањето ќе се исклучат промените на цените. Најмногу порасна продажбата на градежниот материјал и опремата за градини, за 1,5 отсто, сметајќи дека почна пролетната сезона на изградба и реновирање на домовите.

Пекинг – Продажбата на американскиот ланец на брза храна КФЦ во Кина падна минатиот месец за околу 36 отсто, наведува матичната компанија Јамал брендс, сметајќи дека купувачите избегнуваат пилешко поради епидемија на вирусот на птичји грип Х7Н9. Приходите на Јамал кој е сопственик на неколку ланци ресторани, како што е Пица Хат, во Кина се намалени за 29 отсто во април. Птичјиот грип за прв пат откриен меѓу луѓето, однесе 35 животи во Кина откако тамошната влада почна да објавува податоци кон крајот на март, наведе Националната комисија за здравство и планирање на семејство. Министерството за здравство во Пекинг наведе дека минатата недела се евидентирани уште четири смртни случаи.

Вашингтон – Долгот на завршените американски студенти кој во просек изнесува 26.000 долари е 40 отсто поголем од пред седум години и може да доведе до нова криза во САД, смета нобеловецот Џозеф Штиглиц. Должничката криза на американските студенти тесно е поврзана за финансиската криза од 2008 година. – Банкарите ги поттикнуваат луѓето прекумерно да се задолжуваат, посебно широките народни маси – објасни Штиглиц за Њујорк Тајмс. Овој истакнат економист тврди дека несолвентниот долг на студентите ќе предизвика следна криза во САД, која ќе се појави откако ќе се реши претходната криза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП