21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБектеши го иницира прашањето за склучување договори за економска соработка и за...

Бектеши го иницира прашањето за склучување договори за економска соработка и за туризам со БиХ

Во рамките на официјалната посета на Босна и Херцеговина како член на македонската делегација министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваше на работниот состанок со членовите на делегацијата на Советот на министри на БиХ и на средбата со членовите на претседателството на БиХ, а оствари и билатерална средба со својот колега, заменик-претседавач на Советот на министри и министер за надворешна трговија и економски односи, Мирко Шаровиќ.

Од Министерството за економија соопштија дека на средбата била потенцирана потребата од зајакнување и продлабочување на економската соработка на двете земји имајќи предвид дека Босна и Херцеговина во последните неколку години е меѓу првите 20 земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена, регулирана согласно ЦЕФТА-договорот како солидна основа за отворање нови можности преку конкретни заеднички проекти.

Двајцата министри го иницираа прашањето за почнување преговори за склучување договор за економска соработка меѓу двете земји, со оглед на фактот што Босна и Херцеговина е единствената земја од регионот со која Република Македонија нема потпишано ваков договор. Министерот Бектеши изрази подготвеност од страна на Министерството за економија за кусо време да биде доставен предлог-текст на договор до босанската страна, а по неговото финализирање, да се пристапи и кон потпишување од страна на двајцата министри.

Воедно, Бектеши го реафирмира и прашањето за склучување договор за соработка во областа на туризмот, иницирано од босанска страна уште во 2013 година, што треба да претставува основа за продлабочување на соработката од областа на туризмот, а предложи и да се разгледа можноста од двете страни за пуштање директна авиолинија Скопје-Сараево, со што би се олеснил транспортот и на туристите, но би се зголемил и бројот на деловни посети во двете земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП