28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАSuper Cup 2017: Започна препродажбата на билeтитe, цените се зголемија за десетпати

Super Cup 2017: Започна препродажбата на билeтитe, цените се зголемија за десетпати

Уште кога се дозна од страна на UEFA дека Скопје и Националната арена Филип Втори ќе биде домаќин на UEFA Super Cup 2017, кај вистинските љубители на фудбалот предизвика голема еуфорија.

Но кога се дозна дека до титулата во Лига Европа дојде големиот Манчестер Јунајтед, а противник ќе му биде освојувачот на 12-тата титула во Лигата на Шампионите, Реал Мадрид, во Македонија, но и регионот симпатизерите на овие два клуба, но и останатите љубители на овој спорт, со голем интерес следеа како да дојдат до вредното парче хартија.

Потоа веќе стана јасно како може да се дојде до билет за овој натпревар, по строгите правила на УЕФА и лотаријата која беше извршена од нивна страна. Оние кои навистина имаа среќа да бидат извлечени да добијат тикет (цени: 50 евра, 30 евра и 15 евра), својата среќа започнаа да ја споделуваат на социјалните мрежи, пријателите, семејствата и радоста дека ќе бидат дел од вака голем настан кој којзнае дали повторно ќе се случи кај нас.

И покрај строгите правила на УЕФА и обележувањето на билетите со податоците на подносителот на апликацијата, сепак има и такви кои сакаат на лесен начин да дојдат до дури десетпати поголема заработка од платената цена. На интернет има добро познати страни каде што веќе може да се најдат билети за овој натпревар по цена од 300, 400, 500 евра, но се предвидува како што ќе се доближува натпреварот овие суми да се зголемат за двојно,тројно или повеќекратно.

„Јас бев еден од оние чија апликација беше одобрена од страна на УЕФА за билет од 50 евра, па како фан на Јунајтед бев задоволен што ќе можам да го гледам мојот омилен тим, против силен противник како што е Реал Мадрид. Сепак кога дознав дека некои луѓе се обидуваат да ги препродадат билетите, ги слушнав и цените по кои се нудат се одлучив и јас да го сторам истото. Доколку успеам да го продадам билетот за сума од 500-600 евра, воопшто нема да размислувам. Па ќе го гледам Јунајтед во некое кафуле или кафанче, а сумата која ќе ја земам ќе покрие доста „дупки““, вели еден симпатизер на „Црвените ѓаволи“.

Според информациите кои ги добивме, препродажбата на билети се врши преку интернет страната www.viagogo.com, каде во моментов има побарувачка на околу 3000 билети, но понудата е значително помала. Самата интернет страна е посредник меѓу продавачот и купувачот, а за таа услуга зема одреден процент од сумата за која ќе биде продаден билетот. Според информациите, најголем број на побарувања се од страна на симпатизерите на Манчестер Јунајтед, кои се познати по тоа дека секаде одат да го бодрат својот тим.

UEFA Super Cup 2017 ги натера сопствениците на сместувачки капацитети астрономски да ги зголемат цените за ноќевање, а истото се случува и кај оние среќници кои дојдоа до многу значајното парче хартија, а причината е добро позната- брза и лесна заработувачка во овие тешки времиња.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП