Речиси половина од невработените во Германија се граѓани со т.н. миграциска заднина, а повеќе од половина луѓе кои примаат финансиска поддршка исто така се странци, пишува „Ди Велт“.
„Од 2,6 милиона невработени, 43,1 отсто се граѓани со миграциска заднина. Во западните делови на Германија, во кои живеат повеќе странци, тој процент е многу повисок, над 50 отсто“, пишува германскиот весник, повикувајќи се на Сојузната канцеларија за вработување.
Според податоците од 2015 година, граѓаните со миграциска заднина сочинувале 21 отсто од вкупниот број жители. Тие граѓани, при што се мисли на лица со странски пасоши или германски државјани кои се родени како странци или едниот родител им е странец, веќе со години претставуваат најмногубројна група меѓу невработените и особено меѓу долготрајно невработените.