Сојузот на стопанските комори (ССК) бара реформа на инспекциските служби, сузбивање на сивата економија и учество на деловната заедница во креирањето на економските политики. Овие три клучни барање беа испорачани до владиниот економски тим предводен од премиерот Зоран Заев на денешниот деловен појадок.
ССК пред Владата претстави пакет од 75 мерки кои сметаат дека се во насока на спроведување на структурните реформи и подобрување на инвестициската клима и деловното опкружување во земјава.
„Пакетот мерки е структуриран во неколку категории, а секоја мерка е утврдена врз основа на соодветна анализа, позитивни деловни практики и компаративни искуства“, вели претседателката на Сојузот, Даниела Арсовска.
Според неа, од особено значење за бизнис заедницата е ефикасноста на администрацијата на централно и локално ниво. Таа додава дека ако економските мерки што ги предлага стопанството се имплементираат во целост, ќе се обезбеди повисока стапка на раст на долг рок.
Премиерот Заев, пред деловниот појадок порача дека владиниот тим е отворен за соработка и сака да ги слушне барањата, сугестиите и предлозите на бизнис заедницата. Негова клучна порака е компаниите да се грижат и да водат сметка за работниците. На деловниот појадок присуствуваа повеќе од 200 компании, ресорни министри, амбасадори, претседатели на комори.