19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочнува Пиво фест 2017

Почнува Пиво фест 2017

Вечерва, со почеток во 21 часот, во Прилеп почнува 15. издание на Пиво фест 2017. Како што најавуваат организаторите, Фестивалот ќе го отвори македонската група Ај кју, потоа ќе настапат легендарните Психомодо поп, а вечерта ќе ја затворат Амадеус бенд. Водител на Пиво фест 2017, исто како и лани, ќе биде Маријана Станојковска. Организаторите велат дека богатиот репертоар ќе ги задоволи сите вкусови, а штандовите во центарот на градот се веќе поставени.

„Публиката и оваа година ќе има можност да ужива во неповторливата атмосфера и прекрасната забава за која ќе се погрижат големиот број наши и странски музички ѕвезди. Очекуваме посетеноста да биде уште поголема за разлика од минатата година, ние очекуваме повторно да уриваме рекорди и да се забавуваме до последниот атом“, истакна Маријана Станојкоска, водител на Пиво фестивалот.

Психомодо поп последен пат биле во Прилеп пред околу 10 години кога имале концерт за Нова година на градскиот плоштад. Сега ветуваат одлична забава.

„Ќе свириме рокенрол, таа музика која денес младите сè помалку ја знаат. Ветувам дека вечерва ќе има одлична атмосфера. Ќе почнеме со една нова песна која се вика ‘Сè ќе биде в ред’. Ние свириме веќе долго време и знаеме да го работиме само ова и би било штета да не го правиме тоа што го знаеме. Во последно време свириме доста, свириме на многу места, а Македонците секогаш имале слух, тука секогаш било одлично и нема причина тоа да не биде така и денеска“, изјави Давор Гобац, фронтмен на Психомодо поп.

Хотелските капацитети во Прилеп веќе се преполни, исто така и приватното сместување. Најавени се гости од цела Македонија и поширокиот регион. Во наредните денови ќе биде затворен главниот булевар „Гоце Делчев“ каде се поставени штандовите, а надлежните служби веќе имаат изработено сообраќаен план во кои насоки ќе се движат возилата овие денови со цел да нема застој. Паркинг местата се добро познати за паркинг службата, која ќе биде дежурна во текот на овие 4 фестивалски денови. Обезбедени се 25.000 паркинг места.

„Градот е комплетно подготвен за пиво фестивалот, тоа го нудат преубавите штандови кои се веќе во финална фаза на нивната изработка и поставување. Имаме навистина огромна бина и добро озвучување. Скарата веќе се подготвува, а таа е најдобро да се комбинира со ладно пиво. Ќе има многу видови пиво и многу други различни освежителни пијалаци. Се потрудивме да ги задоволиме вкусовите на сите кога станува збор за музиката. Секој ден имаме големи имиња и музички ѕвезди од Македонија и целиот Балкан. Максимално сме подготвени за најголемата забава на Балканот, Пиво фест 2017. Сите служби ќе бидат максимално ангажирани на терен за да се помине во најдобар ред“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Инаку, утре забавата ќе почне со Don Minott & Conquering Lion, Нокаут и Ален Исламовиќ. Во саботата публиката ќе ја забавуваат Елена Велеска, Анабела и Харис Џиновиќ. На последната вечер од фестивалот ќе настапат Тајфата со Димитар Андоноски, Џамбо Агушев и ѕвездата на овогодишниот фестивал, Северина.

Освен на главната сцена забавата по официјаланиот дел продолжува во сите дискотеки и кафулиња во градот кои имаат продолжено работно време.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП