Претседателката на американската Управа за федерални резерви (ФЕД) Џенет Јелен изјави дека и понатака очекува само „постепено“ зголемување на каматните стапки.
Каматите постепено ќе се зголемуваат бидејќи американската економија зајакнува, а вработеноста расте.
Јелен, во обраќањето во американскиот Конгрес, изјави дека ФЕД планира оваа година да почне со намалувањето на својата програма за купување на обврзници, пренесува агенцијата АП.
Претседателката на ФЕД укажа на низа охрабрувачки фактори во економијата на САД, како што се силниот раст на вработувањето и растечкото богатство на домаќинствата, што, како што оцени таа, би требало да го зголеми економскиот раст во наредните две години.
Во подготвениот говор пред Конгресто, Јелен повтори дека состојбата на американската економија доволно е поправена и дека не и е потребна повеќе вонредната поддршка од централната банка, која е активирана од 2008 година, по избивањето на финансиската криза.
За неодамнешното забавување на инфлацијата, Јелен ги обвини привремените фактори, но наглси дека официјалните лица на ФЕД тесно го следат развојот на ситуацијата со цел да се осигураат дека годишната стапка на инфлација се приближува кон целта од 2,0 проценти.
Бројните економисти веруваат дека ФЕД, кој од декември минатата година три пати ги зголеми каматите, уште една во оваа година ќе ги зголеми каматите, наведува американската агенција.