29 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПоетесата Наида Мујкиќ – јулска гостинка на книжевната резиденцијална програма

Поетесата Наида Мујкиќ – јулска гостинка на книжевната резиденцијална програма

Во текот на јули, во рамки на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, во Скопје престојува писателка Наида Мујкиќ.

Наида Мујкиќ е поетеса од Босна и Херцеговина, родена во Добој, во 1984 година. Таа магистрирала на Филозофскиот факултет во Тузла и е избрана за виша асистентка на Филозофскиот факултет во Зеница каде на неколку отсеци моментално држи вежби по книжевност. Мујкиќ е надворешна соработничка во неделникот „Став“ и е една од уредниците во списанието „Лингвазин“. Пишува блог и објавува филмски критики. Била водителка на женската поетска група „Euterpes poetes troup“ при Филозофскиот факултет во Зеница.

Во 2006 година ја добила наградата Диздар за необјавена збирка песни, а нејзината втора книга поезија „Љубовните шарти на могулот“ влезе во финалниот избор за книжевната награда Хасан Каимија во 2016 година. Ова дело осцилира меѓу постмодернистичките интертекстуални процеси и неистражените полиња на една нова поетска сетилност, односно го прикажува комплексниот однос меѓу значењата и позицијата однатре културата на Босна и Херцеговина, при што се преместува од дотогашниот идејно-поетички склоп.

Наида е и добитничка на првата награда за Најдобра необјавена книга песни на манифестацијата „Слово Горчина“ во Столац, 2006 година, а нејзините песни се преведувани на германски, турски, корејски, македонски, италијански и англиски јазик. Учествувала во повеќе поетски меѓународни фестивали и книжевни средби, а нејзината поезија е дел од повеќе домашни и регионални антологии.

Мујкиќ во својата поезија се занимава со различни аспекти на босанско-херцеговската култура, како процесите на културата на сеќавање, војната, положбата на хомосексуалците, влијанието на исламот и традициите на модерното босанско-херцеговско друштво итн. Односите кои ги воспоставува во своите текстови честопати ги одразуваат реалните односи во општеството, кои е важно да бидат препознаени и опишани.

Освен што пишува поезија, оваа писателка моментално работи на збирката кратки поетски раскази „Мали приказни“, на кои ќе работи за време на својот престој во Скопје. Во истиот период таа би сакала да допринесе кон што е можно подобра презентација на современата поезија од Босна и Херцеговина, како и на својата поезија.

Програмата на книжевната резиденцијална за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“ е во организација на издавачката куќа „Готен“, а се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП