Чешка ќе го зголеми својот притисок врз Европската унија (ЕУ) да ги контролира стандардите на храната, откако нови тестови открија значајни разлики во квалитетот на состојките што се користат од страна на меѓународни компании во прехранбените производи во Чешка и кај нејзините западни соседи, пренесува „Ројтерс“.
Министерот за земјоделство Мариан Јуречка објави дека тестовите направени од министерството и од Универзитетот за хемија и технологија покажуваат дека прехранбените производи во чешките супермаркети често пати содржат помали количества од главните состојки отколку нивната верзија која се продава во Германија, на пример замрзнатите рибни стапчиња кои имаат помалку риба.
Како целина „двојните стандарди“ кај храната станаа чувствителна тема за источните членки на Европската унија. Чешка, Словачка, Унгарија и Полска ги прифаќаат како знак дека тие се со статус на „втора класа“ спрема западните членки на Унијата.
Засегнатите земји инсистираат Европската комисија да им забрани на компаниите да користат состојки со послаб квалитет во прехранбени производи кои се продаваат на нивна територија.
На пресконференција Јуречка изјави дека ќе ги претстави резултатите од тестовите на средба на земјоделските министри на ЕУ во текот на следната недела. На овој начин тој сака да докаже дека „проблемот постои“.
Целта е да се протурка закон за унифицирани стандарди кај храната.
„Чешка и другите корисници во ЕУ заслужуваат да добиваат ист квалитет на производи“, рече тој.
Од своја страна, компаниите тврдат дека се во согласност со локалните вкусови, па затоа користат различни комбинации од состојки. Во моментов оваа практика е легитимна, додека состојките се огласуваат.
Според податоците на „Евростат“, храната во Чешка е за околу 25% поевтина од онаа во Германија. Многу Чеси сепак редовно ја преминуваат границата и пазаруваат во Германија или Австрија.