12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовите институции на тест – ќе го разрешат ли случајот „Макпетрол“?

Новите институции на тест – ќе го разрешат ли случајот „Макпетрол“?

Случајот „Макпетрол“ и натаму е во статус кво, цела година откако анонимната офшор-компанија „Балкан петролеум холдинг лимитед“ се обиде да го преземе македонскиот нафтен гигант. Комисијата за хартии од вредност, која уште во септември лани „привремено“ ја запре постапката, и натаму не соопштува дали има конечна одлука за понудата на „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“

Од КХВ повторно кусо коментираат дека постапката е прекината и упатуваат на штурото образложение од пред девет месеци – дека се чека „решавање на претходно прашање кај друг надлежен орган“.

Во изминатата година, досегашната власт го игнорираше случајот „Макпетрол“ и не направи ништо за да ги истражи сомнителните руско-украински инвеститори и потеклото на нивните пари со што се јавија сомнежи дека некој се обидува да дозволи „упад“ во македонскиот нафтен бизнис и влез на сомнителен странски капитал во домашното стопанство. Прашањето сега е: дали новата власт ќе заземе посериозен однос и ќе го разреши случајот „Макпетрол“, а со тоа и ќе ја запре неизвесноста за вработените, акционерите и целата македонска јавност?

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека деновиве се запознава со случајот, иако тоа не спаѓало директно под негови ингеренции. До крајот на неделава е предвидена средба со министерот за економија на која ќе се разговара за Макпетрол, вели Анѓушев.

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност Елизабета Чингаровска воопшто не излезе во јавноста да објасни до каде е постапката, наспроти повиците на експертите за транспарентност во овој важен случај. Претседателот на КХВ го избира Собранието со мандат од пет години, а Чингаровска на позицијата дојде во февруари 2013 година. Според експертите, доколку се истражи и се утврдат пропусти и злоупотреби во работењето на Претседалот или членовите на КХВ, Собранието може да иницира постапка за смена на Чингаровска и пред истекот на мандатот.

Дел од аналитичарите го отворија и прашањето на кривична одговорност за раководството на КХВ, со оглед на тоа дека неносењето конечна одлука се одолжи повеќе од една година, а неизвесноста нанесува штети и го отежнува работењето на Макпетрол.

Во секој случај, разјаснувањето на позадината на обидот за преземање, но и на причините за игнорантскиот однос на институциите во изминатата година ќе биде една од првите важни задачи и голем тест за новата власт.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП