13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе се реконструира објектот на Центарот за деца со церебрална парализа

Ќе се реконструира објектот на Центарот за деца со церебрална парализа

Денеска почна реконструкцијата на Центарот за дневен престој на 45 деца со церебрална парализа. Овој објект ќе биде нивно убаво катче за престој, рекреација и забава во текот на наредните 2 години. Општина Центар го реализира проектот со поддршка од Министерството за труд и социјална политика и со донација од рафинеријата Окта.

Родителите на децата велат дека проектот ги задоволува сите потреби на нивните деца, а особено се горди што проектот сами го направиле.

„Нашите деца досега беа заборавени од институциите. Не е дозволиво тие да немаат никакви права по 26-тата година“, рекоа родителите.

Поради изградбата на новото училиште во населбата Капиштец, имаше потреба од дислокација на Центарот за престој на децата со парализа.

Денеска, рече министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска, почнува реконструкција на овој објект, кој ќе го користат 45 корисници и кои ќе имаат физиотерапевтска и дефектолошка поддршка по сите принципи и стандарди.

„Ова е правено во согласност со родителите бидејќи тие ни се многу важни во овој процес. Во новото училиште во Капиштец ќе има посебен дел за инклузија на лица со попреченост. На овој начин ќе добиеме 2 институции во Општина Центар кои ќе се грижат за оваа група граѓани. Децата со церебрална парализа треба да добијат поддршка од другите општини и да го преземат овој успешен проект“, рече министерот за труд и социјална политика, Царовска.

Градоначалникот Андреј Жерновски рече дека ова е многу важен проект за општината. Директна причина за реконструкцијата е изградбата на новото училиште во Капиштец и затоа мораше да има дислокација на Центарот за дневен престој. Но, тоа е и позитивно бидејќи децата овде ќе имаат многу подобри услови од просториите каде што се и денеска сместени.

„По завршување на целосната градба на проектот, ќе го направиме она што е за нас многу битно, но и за родителите и децата. По 2 години, кога ќе биде завршено новото училиште, децата од Центарот ќе се вратат и ќе бидат сместени во склопот на училиштето бидејќи не можеме да зборуваме за инклузија ако овие деца се посебно сместени“, рече градоначалникот Жерновски.

По 2 години, овој објект, кој ќе биде комплетно и модерно реконструиран, ќе прерасне во градинка бидејќи тоа е повеќе од потребно во овој дел од Центар
Жерновски се заблагодари за помошта од Министерството и од рафинеријата Окта.

Со помошта што компанијата Окта ја дава за реконструкција за овој Центар, ќе се обезбеди ново место за згрижување на децата со церебрална парализа, кој ќе нуди современа нега и терапија и секојдневна поддршка за нивните родители. Постојат многу групи граѓани кои имаат потреба од помош за секојдневно да излезат во пресрет со секојдневните притисоци, но имајќи ја предвид бројноста на децата со церебрална парализа, како и отсуството на соодветен Центар, сметавме дека во моментов имаат приоритет за добивање на нашата поддршка и целосно внимание“, изјави Јанис Геруланос, генерален извршен директор на Окта.

Царовска, Жерновски и Геруланос ги повикаа и другите компании да излезат во пресрет и да помогнат за децата со попреченост да добијат подобри услови. Реконструкцијата на објектот ќе чини 2 милиони денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП