4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПокана за Манчевски да предава на филмската академија во Пекинг

Покана за Манчевски да предава на филмската академија во Пекинг

Сè уште не стивнуваат реакциите низ Кина по неколкунеделниот престој на македонскиот режисерски маг Милчо Манчевски во Шангај, каде нашиот уметник имаше прво сеопфатно претставување во Азија.

Во рамките на јубилејното 20. издание на Филмскиот фестивал во Шангај беа прикажани сите филмови на Манчевски. Ова е прва ретроспектива на македонски уметник каде било во Азија. Тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Наедно, Манчевски одржа и мастерклас при Универзитетот во Шангај, беше отворена и изложба фотографии од режисерот, а беше промовирана и негова книга што е издадена во Кина. На крајот од фестивалот, Манчевски, заедно со холивудската актерка, Французинката Изабел Ипер во улога на презентери, на сцената ја објавија и главната филмска награда.

„На страна црвените ќилими, сега за првпат легално се прикажуваа моите филмови во Кина. И покрај тоа, тие ѝ се прилично добро познати на кинеската публика, особено на академските кругови, затоа што нашироко се предаваат на универзитетите низ Кина. Досега ги гледале како пиратски изданија, оти официјално не се увезени (иако играа во комшии – во Тајван, Хонг Конг, Јапонија, Јужна Кореја…). Низ годините се објавувани бројни рецензии и есеи, а филмовите се предаваат и на филмските академии во Кина како пример за наративна структура. Проекциите беа распродадени (сала од 1.200 седишта), а добив и покана да предавам на државната филмска академија во Пекинг. Една вечер ме однесоа низ сокачиња преполни со луѓе, по скали, па во еден стан, низ една соба, па во собата назад, каде што имаше еден огромен постер на стар француски филм, цела библиотека книги и врамени слики на ѕидот: Бергман, Орсон Велс, Тарковски, Жан-Лик Годар, Трифо… Кафе-кино ‘Шаброл’, во стан каде собира само 15 луѓе. Секоја вечер си пуштаат филмови и ги дискутираат. И една од врамените слики на ѕидот, сред Шангај, до Трифо, Вуди Ален и Келовски, беше турскиот постер на ‘Пред дождот’“, раскажува Манчевски.

Сè уште не згаснуваат почестите и медиумското внимание од неговото гостување во Шангај. Организаторите велат дека имало огромен интерес за филмовите на Манчевски, кои се прикажуваа со по три проекции и беа за миг сите распродадени. Исто се случи и со билетите за мастеркласот под наслов „Збор, слика и време“ во Кинескиот музеј на уметноста.

Филмовите на Манчевски се предаваат на универзитеттите во Пекинг, Шангај и Чонкинг. На проекциите и мастеркласот дојдоа најмногу студенти и од други градови во Кина, кои кажуваа дека нивните професори постојано им го прикажувале „Пред дождот“ и преку овој филм ги учеле за филмска структура. Присуството на Манчевски во Шангај е забележано и со голем написи во медиумите, проследено со бројни интервјуа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП