14 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Ќе создаваме реална, а не политичка економија

Анѓушев: Ќе создаваме реална, а не политичка економија

Ќе работиме на создавање реална, а не на политичка економија, рече вицепремиерот за економски прашање Кочо Анѓушев, на средба со директорката за Континентална Европа во Француското министерство за Европа и надворешни работи Флоранс Манжан и амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние.

„Економскиот раст и развој ќе се фокусира на поддршка на развојот на домашните компании и стимулирање на извозот, привлекување на реномирани и успешни странски инвеститори кои во поголема мерка ќе соработуваат со домашни компании, капитални инвестиции во инфраструктурата, реформи во енергетскиот сектор, како и реформи во образовниот систем со кои ќе се продуцира квалитетен кадар за потребите на компаниите“, истакна Анѓушев.

Тој дополни дека она што е неопходно и итно во овој момент, поради многу слабите оценки од Енергетската заедница, е имплементација на третиот пакет енергетски мерки на Европската Унија во новиот закон за енергетика.

Според него, реформите во енергетскиот сектор ќе продонесат и за повисоко ниво на искористување на природните ресурси за обновливи извори на енергија.

Директорката за Континентална Европа во Француското министерство за Европа и надворешни работи, Флоранс Манжан, истакна дека е импресионирана од плановите и ентузијазмот на Владата за влез во Европската Унија. Потенцираше дека во Владата на Република Македонија гледа добар партнер на Франција, а со себе ќе понесе порака дека сите француски компании се добродојдени, особено оние кои планираат инвестиции во обновливи извори за енергија, како и компаниите кои веќе имаат соработка со македонски фирми.

„Колку повеќе се подобруваат условите за водење бизнис толку се поголеми можностите реномирани француски компании да се јавуваат како инвеститори во Македонија, а со тоа да се зголеми економската соработка помеѓу двете земји“, порачаа Манжан и Тимоние.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП