2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРудниците „Тораница“, „Злетово“ и „Саса“ ги посети Министерот Бектеши

Рудниците „Тораница“, „Злетово“ и „Саса“ ги посети Министерот Бектеши

Министерот за економија, Крешник Бектеши, посети три рудници во Македонија, и тоа Тораница и Злетово во Пробиштип и Саса во Македонска Каменица, остварувајќи работни средби со претставници на управата на овие рудници.

Целта на посетата, како што информираат од Министерството за економија, е директно запознавање со актуелните состојби во рударството, условите во кои се работи во споменатите рудници и понатамошните деловни чекори на компаниите кои се актуелни сопственици на рудниците.

Така, во рудниците Тораница и Злетово министерот Бектеши изрази посебен интерес за условите за работа на вработените, особено за безбедноста на рударите, при што беше информиран дека овие два рудника во изминатиот период успеале во голема мерка да ги унапредат условите под кои рударите ги извршуваат секојдневните активности.

Покрај ова, овие два рудника можат да се пофалат и со зголемување на бројот на вработени на 700 во моментов, кој има тенденција на раст и во наредниот период треба да достигне бројка од 1000 вработени во двата рудника. Министерот за економија беше информиран и за планираните инвестиции во наредниот период, краткорочни и долгорочни, согласно развојните планови на компанијата.

Безбедноста на работа беше посебно високо оценета во рудникот „Саса“ во Македонска Каменица, каде во тек е воведувањето нови стандарди во работењето, покрај веќе постојните, што ќе придонесе за континуирано унапредување на работните услови на вработените рудари. Управата на „Саса“ го информираше министерот Бектеши за инвестициските планови на компанијата во периодот кој следи и за досегашните остварени резултати.

Ова беше прва од низата планирани посети на министерот Крешник Бектеши во рударскиот сектор, кој генерира околу 10% од вкупното производство во државата, а вработува околу 13 илјади граѓани со просечна плата од 28 илјади денари. Притоа, овој сектор учествува со 1% во БДП-то, со 3.85% во извозот, а со 6.04% во увозот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП