19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАAдминистрацијата ќе работи во две смени oд 1-ви септември

Aдминистрацијата ќе работи во две смени oд 1-ви септември

Владата на денешната седница донесе одлука да се воведе флексибилно работно време од 1 септември, на сите вработени во државната управа, а во одредени институции и двосменско работно време, информираше министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Манчевски рече дека, како што беше најавено во Програмата на Владата, со оваа одлука се регулира и двосменското работење на одредени институции, како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав. Работното време во овие институции ќе се одвива од 7 до 14.30 часот и од 14 до 21.30 часот, како и првата сабота во месецот, со време на работа од 8 до 16 часот.

Министерот Манчевски вели дека оваа одлука следи по серијата консултации со граѓаните и со претставниците на невладиниот сектор и синдикатите.

„Ова е една од мерките коишто Владата ќе ги преземе во насока на овозможување подобри услови за вработените во јавната администрација. Исто така, со оваа мерка сакаме да им излеземе во пресрет и на родителите коишто во различно работно време почнуваат со работа. Очекуваме оваа мерка да придонесе кон намалување на сообраќајниот метеж, особено во големите градови пред почетокот и по завршувањето на работното време“, рече Манчевски.

Одлуката ќе се применува од 1 септември. Со неа се утврдува дека почетокот на работното време ќе биде меѓу 7.30 и 8.30 часот, а завршувањето меѓу 15.30 и 16.30 часот со вкупно времетраење на работниот ден од 8 часа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП