Фудбалскиот Суперкуп помеѓу Реал и Мачестер Јунајтед, кој ќе се одржи на 8-ми август, во „Телеком арената“ во Скопје, ги крена до „плафон“ цените на скопските хотели.
Според податоците за резервација на сајтот „Booking“, 3 илјади евра е цената за две ноќевања со појадок, за двајца од 7 до 9 август. Или 1500 евра за една ноќ, односно од 8 до 9 август. Резервациите по скопските хотели се движат по различни цени, односно во поелитното хотелското сместување и резервациите може да се направат по цена од 2.700, 2.280 или 2000 евра, две ноќи за двајца со вклучен појадок, но има и нешто поевтини по цена од 1.725 евра, 1,044 евра, 1300 евра. За едно ноќевање цените се половина од овие. Нешто поевтини се хотелите во периферијата на Скопје, па ноќевањето таму е по цени од 300 евра па нагоре.
Претседателот на ХОТЕМ, Крсте Блажевски, вели дека е нормално да бидат кренати цените на хотелите во овој период затоа што така е секаде во светот.
„Цените се врз основа на понудата и побарувачката на пазарот. Колку порано букираш толку е поевтино, како минуваат деновите и се ближи одржувањето на Суперкупот, нормално е цените да растат. Ама тоа е секаде така кога се одржуваат некои посебни настани заради кои се очекуваат туристи. Тоа е понуда на пазарот“, објаснува Блажевски.
Тој вели дека реномираните и поелитни хотели одат со повисоки цени, за разлика од помалите хотели кои се на периферијата на Скопје, кои иако ги кренале цените, сепак, не се толку скапи. „Но, видете, сместување во хотелите се нуди и во помалите градови во близина на Скопје, како Велес и Тетово на пример, и тоа навистина е добро. И ова навистина е добро, но не само за хотелите туку и воопшто за рестораните затоа што во Македонија ретко се одржуваат вакви настани како Суперкупот““, додава претседателот на ХОТЕМ.
Тој вели дека доста и од хотелите се распродадени, а се очекува во текот на овој месец да се распродадат уште сместувања.
Како за споредба, во истиот период сместувањето на Дубаи и на Малдиви е двапати поевтино од цените на хотелите во Скопје на денот на одржувањето на Суперкупот.