26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвтина тарифа на струјата само за социјална категорија граѓани

Евтина тарифа на струјата само за социјална категорија граѓани

Европската енергетска заедница ѝ препорача на Македонија евтината тарифа за струјата да ја воведе само за социјалните категории и за временски период од две години.

Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Јанез Копач, кој се сретна со членовите на собраниската Комисија за економски прашања, изјави дека деталите околу предлогот на македонската влада за враќање на евтината тарифа за сите граѓани не му се познати, но оти исклучоци се можни само доколку тие се добро аргументирани, временски ограничени и направените трошоци при реализацијата да бидат платени од буџетот на државата.

„Не знам точно каков е тој предлог. Слушнавме дека имало такво нешто во предизборната кампања, но деталите не ги знаеме. Исклучоци се можни, но мораат да бидат многу оправдани, консултирани со Секретаријатот, временски ограничени и направените трошоци да бидат платени од јавниот буџет, а не од други потрошувачи на електричната енергија“, нагласи Копач.

Од Владата најавуваат дека предлогот за враќањето на евтината тарифа нема да биде во спротивност со регулативата на Европската Унија и оти нема да претставува голем трошок за потрошувачите.

„За ова прашање ќе разговараме и сметаме дека нема да биде спротивно со регулативата на Европската Унија. Сигурно ќе соработуваме и во изработката на законот, којшто е во драфт верзија и, секако, и ова прашање ќе биде регулирано. Се работи за неколку часа кога граѓаните ќе можат да ја користат евтината тарифа. Се работи за мало проширување кое ќе биде значително олеснување за сите граѓани, а најмногу за ранливите категории“, изјави Зоран Шапуриќ, министер без ресор во Владата.

Според директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Македонија до пред пет-шест години била лидер во регионот во однос на реформите во енергетскиот сектор, но оти во последните години, како што посочи, ништо не се случувало на овој план. Сепак, Копач е оптимист во однос на спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП