3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА48 часа доби Катар за да одговори на ултиматумот

48 часа доби Катар за да одговори на ултиматумот

Саудиска Арабија и нејзините сојузници го поддржаа барањето на Кувајт, кој е посредник во решавање на кризата во заливот, за 48 часа да биде продолжен ултиматумот кој му е поставен на Катар.

Во заедничко соопштение Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин се согласиле да биде продолжен ултиматумот, кој содржи 13 барања. Катар, најверојатно, во текот на денешниот ден ќе му го предаде на Кувајт одговорот по тие барања.

Катар досега ги отфрли сите барања на арапските соседи, со оценка дека тие се максималистички и дека се насочени против неговиот суверенитет.

Списокот на барања, меѓу кои се истакнуваа барањата за затворање на медиумската куќа Aл-Џазира, прекинот на односите со Иран и затворањето на турската воена база во Доха, на Катар му беше доставен на 22 јуни, со ултиматум од 10 дена да се произнесе по барањата на соседите.

Министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет, ќе се сретна в среда, во Каиро, кога повторно ќе дискутираат на тема Катар.

Агенцијата КНА објави дека одговорот по барањата на арапските соседи ќе го достави министерот за надворешни работи на Катар Мохамед бин Абдулрахман ал Тани.

Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет на 5 јуни ги прекинаа дипломатските односи со Катар обвинувајќи ја државата дека го поддржува тероризмот, како и поради добрите врски со Иран, кој е регионален ривал на Саудиска Арабија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП