Вицепремиерот Кочо Анѓушев ќе го намали бројот на економски промотори, од 32 на 18 и ќе ги интегрира во амбасадите на Македонија како економски аташеа. Исто така, странските инвеститори во иднина сами ќе ги плаќаат придонесите за здравствено и пензиско осигурување.
Ваквите измени тој ги најави на брифинг со новинарите,додавајќи дека сепак остануваат другите даночни ослободувања.
Владата ќе продолжи и со државна помош кон странските инвеститори, но во зависност од тоа колку тие придонесуваат за развој на економијата, порача Анѓушев. Додаде дека сè уште се исплаќаат средства директна помош на кои претходната Влада се обврзала.
„Досега од политиката на привлекувањето на странските инвестиции не видовме големи ефекти. Да, точно е дека се вработија 22.000 лица, но колку пари се потрошени за овие работни места? Инвеститорите треба да бидат безбедни затоа што како држава ќе ги испочитуваме договорите кои со нив се потпишани. Но од досегашните анализи видовме дека соработката со македонските фирми е минимална. Ние ќе побараме нов модел, затоа што ако не расте економијата тогаш ваквиот модел е неодржлив. Јас буквално на средба со странските инвеститори ги молев да соработуваат со домашните компании“, рече вицепремиерот.
Тој најави дека во иднина овие договори ќе бидат јавно објавувани.