2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПазар на автомобили: зголемена продажба на нови, намалена на половни

Пазар на автомобили: зголемена продажба на нови, намалена на половни

Благ пораст на увозот на нови, но значителен пад на влезот на половни коли – цените подолго време остануваат непроменети.

Според податоците на Царината во првите пет месеци од годинава биле увезени 2.241 нови и 8.100 половни автомобили. Во истиот период лани бројките достигнале 1.892 односно 12.677.

И импортерите на нови автомобили велат дека имаат зголемен обем на работа, но ситуацијата била далеку од онаа пред 6-7 години; тогаш годишните бројки по бренд се мереле во илјадници, а сега во стотици.

„Пазарот е заситен. Тоа е очигледно. Од друга страна имаме и намалена куповна моќ кај граѓаните. Сите што можат да си дозволат нов автомобил веќе го направија тоа, другите купуваат половни“, велат во еден од поголемите салони за автомобили.

Стагнација има и кај продажбата на половни автомобили – на интернет има десетици илјади активни огласи. Yugo од 80-те може да се најде за 300 евра, а Ford од 90-те за 700. Секако има и луксузни возила кои чинат 10 до 15 илјади евра.

На плацовите кои препродаваат состојбата е уште поочајна. Автомобилите седат паркирани со месеци чекајќи сопственик.

„Бизнисот е речиси пред пропаѓање. Едвај одат по две три коли месечно. Пред неколку години продавав и над 50. Сега едвај опстојувам, морав да отпуштам двајца вработени, сега продавам сам“, вели сопственик на плац за препродажба на половни коли.

Пред точно една година стапија во сила построгите критериуми за увоз на половни возила. Се забрани внес на автомобили со ЕУРО 3 стандард односно постари од 2005-та година. Ова дополнително го намали обемот на работа за препродавачите односно за увозниците на половни коли.

Британскиот специјализиран сајт за купување автомобили, carbuyer.co.uk, направи листа на најдобрите половни автомобили за годинава споредувајќи ги цените и перформансите.

На првото место е Kia Cee’d, а потоа следат Skoda Yeti, Dacia Duster, Ford Focus, SEAT Leon, Nissan Leaf.

Сепак, за македонски услови, барем според познавачите, најдобра е инвестицијата во германски марки особено серијата на Volkswagen која најмногу држи цена и која има достапни резерви делови и евтин сервис.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП