Во Домот на културата, вечер ќе биде одржан џез-концерт на составот „Гоце Стефковски септет“.
Каменичкото културно лето почна синоќа со претставата „Театар, љубов моја“ во изведба на театарот „Јордан Хаџи Конатстинов-Џинот“ од Велес, која беше изведена на сцената во новиот Дом на култура во Македонска Каменица.
Директорот на Културно-информативниот центар „Романса“ од Македонска Каменица, Гоце Стојановски, е задоволен од посетеноста на претставата.
– Нашата публика е жедна за вакви претстави, салата беше исполнета до последното место, што значи дека ние како одговорни за културниот живот во рударска Каменица ќе треба да ја прошириме соработката со театарските куќи и овде да донесеме познати тетатарски претстави. Ние сме презадоволни од гостувањето на Велешкиот театар и претставата „Театар, љубов моја“ на Валери Петров во режија на Деви Дамјановски, актерите Талија Настова, Кети Борисовска, Зорица Панчиќ, Кица Ивковска е одличен почеток на Каменичкото културно лето, рече Стојановски.
Летната културна понуда, рече тој, продолжува со џез-концерти.
– Овој настап е дел од летниот џез-караван кој е поддржан од Министерството за култура, Општина Македонска Каменица и Културно-информативен центар „Романса“. Утревечер, 30 јуни, ќе настапат Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“ . Концертот ќе се одржи на старото спортско игралиште во непосредна близина на Градскиот базен, а е во организација на Асгард 2015 и КИЦ „Романса“, рече Стојановски.
Во текот на летото ќе се одржи и Каменичкиот фолклорен фестивал, а во соработка со Општина Македонска Каменица во тек се и подготовките за големиот настан организиран по повод Денот на рударите 28 Август, кога на отворена сцена во Македонска Каменица се очекуваат настапи на познати имиња од македонската и балканската естрада.