6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе одбројуваат деновите до Пиво фест

Се одбројуваат деновите до Пиво фест

Од 13 до 16 јули, по 15. јубилеен пат, во Прилеп ќе се одржи најголемиот и најатрактивен фестивал на овие простори Пиво фест 2017.

Фестивалот ќе има богата музичка програма што ќе ги задоволи вкусовите на сите генерации. В четврток, на 13 јули, фестивалот ќе го отвори македонската група Ај кју, забавата потоа ќе продолжи со култната група Психомодо поп, а првата вечер ќе ја затвори Амадеус бенд. Петокот е резервиран за Дон Минот & Канкеринг лајон, Нокаут и Ален Исламовиќ. Во саботата публиката ќе ја забавуваат Елена Велеска, Анабела и Харис Џиновиќ. На последната вечер од фестивалот ќе настапат Тајфата со Димитар Андоноски, Џамбо Агушев и ѕвездата на овогодишниот фестивал Северина. Секоја година заинтересираноста како на публиката така и на угостителите кои учествуваат во овој настан е голема.

„Имаме пријавено околу 25 штандови, кои ќе се простираат на површина од околу 5.000 м2. Имаме учесници кои учествуваат и за првпат – ќе имаме белгиско, ирско, англиско, германско, грчко и сараевско пиво. Најголемата ексклузива можеби ќе биде тоа што освен застапеноста на пива со стандарден процент на алкохол ќе имаме и пива со повисок процент, како пива со 7, 8 и пива со 9 проценти алкохол“, истакна Талија Петреска, ЦГИ – организатори на Фестивалот.

Генералните спонзори на фестивалот Скопска и Прилепска пиварница истакнаа дека очекуваат одлична забава и многу публика која ќе ги проследи настапите на музичките ѕвезди во предвидените 4 дена на Фестивалот.

„Единствениот јазик на кој може да се разберете каде и да сте е пивото. Пивото ги поврзува народите и цивилизациите така што токму тоа ќе се случува за овој Пиво фест и тоа ќе биде нашата мисија, на сите наши консументи да им понудиме нови вкусови и пива. Тоа на нашиот штанд ќе биде Лашко. Верувам дека ова е една од тие одлични можности во кои луѓето уживаат во доброто пиво и храна“, рече Катерина Хаџи Ангелеска Начевска, претставник на Скопска пиварница.

„Прилепска пиварница и годинава ќе понуди доста уживање и изненадувања. Ве покануваме на нашиот штанд да го видите новото руво на нашиот јунак, нашето Крали Марко, по кое што градот е познат“, рече Искра Конеска, претставник од Прилепска пиварница.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, ги покани сите љубители на пивото и добрата забава од Македонија и поширокиот регион да дојдат на 15. јубилејно издание на Пиво фестот и искажа голема благодарност до организаторите кои секоја година се партнери заедно со локалната самоуправа, а тоа се двете најголеми наши пиварници, Прилепска пиварница и Скопска пиварница и секако Центарот за граѓанска иницијатива.

„Ќе има музика за сите генерации од 7 до 77 за да може секој да се пронајде во репертоарот. Работното време на сите угостителски објекти ќе биде продолжено до 3 часот наутро и секој од овие угостителски објекти по официјалната програма си има организирано своја програма до раните утрински часови. Посебно интересно ќе биде во новиот Аква парк – Салида, кој ќе биде интересно освежување и секако една од најголемите дискотеки во Македонија, клубот „Калипсо“. Како и секоја година ќе имаме организирано бесплатен кампинг на Паркот на револуцијата. Како добри домаќини се грижиме сите кампери кои доаѓаат од целиот свет во утринските часови да бидат послужени со бесплатна чорба, кафе и чај. Паркинзите и режимот на сообраќај ќе бидат максимално регулирани, нема да има никаков проблем во однос на паркирање на возилата“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Во Прилеп сите хотелски капацитети, како и приватното сместување се речисуи резервирани. Организаторите на фестивалот ги покануваат сите оние кои сакаат да присуствуваат тука за овие фестивалски денови да си резервираат сместување во најбрз можен рок. Како и секоја година упатено е барање за бесплатен превоз до МЖ, за возовите кои ќе сообраќаат на релација Скопје – Прилеп. А има и најава од туристички агенции за организиран превоз на посетители од соседните држави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП