21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМФ: Немаме нови задолжувања

МФ: Немаме нови задолжувања

Од моментот на стапување на должност на новата Влада, Министерството за финансии не креираше ново задолжување туку само ги презапишуваше државните хартии од вредност кои во тој момент достасуваа, изјави министерот за финансии.

Во Буџетот за 2017 година е предвидено финансирање на буџетскиот дефицит од домашниот пазар и од странско задолжување.
Министерството за финансии смета дека во моментов финансирањето на буџетскиот дефицит на домашниот пазар на државни хартии од вредности има повеќе предности:

Пониски каматни стапки на инструментите кои се нудат на домашен пазар. Каматните стапки се движат во распон од 1,45% кај 6 месечните ДЗ до 3,8% кај 15 годишната ДО. За разлика од домашниот пазар, на меѓународниот пазар на капитал, последната еврообврзница која се издаде минатата година имаше каматна стапка од 5,625% за рочност од 7 години.

Искористување на големата ликвидност која е присутна во банкарскиот систем, како специфична карактеристика на македонскиот банкарски систем.

Можност за задолжување со инструменти со подолги рочности. На домашниот пазар постои можност од задолжувања со државни обврзници со рок на достасување од 10 и 15 и повеќе години, додека на меѓународниот пазар рочностите се покуси (максимум 10 години, но најчесто 5 и 7 години).

Затоа, за да се реализираат постојните расходи во Буџетот за 2017 година, Министерството за финансии ќе почне на домашниот пазар да повлекува поголеми износи од оние кои достасуваат, односно ќе се зголеми нето повлекувањето на државни хартии од вредност.

Истовремено, Министерството за финансии ќе ја намали фреквенцијата на одржување на аукции на државни хартии од вредност, на двапати месечно. Ова го правиме со намера да се поттикне секундарното тргување со државните хартии од вредност, каде ќе се јават инвеститори кои имаат потреба од ликвидни средства на покуси рочности од оние кои се нудат на редовните аукции на државата.

Задолжувањето на домашниот пазар на државни хартии од вредност ќе продолжи и на среден рок, но комбинирано со странско задолжување. Имено, Министерството за финансии перманентно ја следи состојбата на меѓународниот пазар на капитал, каде инвеститорите позитивно ја перципираат стабилизацијата на политичката состојба во Македонија и перспективите за македонската економија. Показател за тоа е намалувањето на стапката на принос на македонските еврообврзници кои се тргуваат на меѓународните финансиски пазари. Од средината на мај приносите на сите три еврообврзници бележат постојано намалување, што значи дека Македонија би добила пониска каматната стапка од досега при издавање на нова еврообврзница. Затоа не се исклучува можноста за евентуална емисија на еврообврзница за отплата на долг кој доспева во 2018 година, изјави министерот Тевдовски на денешната прес-конференција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП