2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАТурскиот миротворец и музички виртуоз за почеток на Скопско лето

Турскиот миротворец и музички виртуоз за почеток на Скопско лето

Со концертот на еден од најеминентните турски музичари и композитори Омер Фарук Текбилек, во салонот на Македонската опера и балет, в среда, во 22 часот ќе биде отворена културната манифестација „Скопско лето 2017“.

На концертот ќе настапува и неговиот ансамбл, Алесандро Гивс на клавијатури, Баџадир Сенер – канон, Федерико Ферандина – гитара, Ратко Даутовски – перкусии и Вангелис Карапис тапани-перкусии.

Тој е роден во Адана, Турција, 1951 година. Како миротворец и виртуоз тој е еден од најбараните музичари чиешто творештво ги надминува сите граници, а негувањето на етно музиката го издвојува и го става во редот на најзначајните светски уметници. Свири на кавал, зурла, неј и на уште неколку традиционални дувачки, жичени и ударни инструменти.

Музичкиот стил и инспирација ги црпи од традиционалната суфи уметност и арапската традиционална музика во кои вклучува амбиентални електронски елементи. Четирите столба на неговата креативност вклучуваат мистицизам, романтика, фолклор и имагинација. Музичките вештини на Омер Фарук Текбилек дошле до израз уште во неговите тинејџерски години кога како гостин-музичар почнал да соработува со најпознатите турски музичари од крајот на 60-тите години на ХХ век: флејтистот Орхан Генчебеј, саксофонистот Исмет Сирал, перкусионистот Бурхан Тонгуч и повеќе познати пеjачи.

Откако се етаблира во музичките кругови во Турција почнува турнеја низ Европа и Австралија, а во 1971 година концертира низ САД како член на турскиот класичен/фолк ансамбл. За време на турнејата ја запознава својата идна сопруга, Сузан, која е и причина за неговата преселба во државата Њујорк во 1976 година. Таму го формира бендот Султан со клавијатурист од Египет, бузуки музичар од Грција и братот на сопругата кој свири на ударни инструменти. Почнуваат како поп бенд, но набргу се свртуваат кон традиционалната музика од Блискиот Исток со што многу брзо привлекуваат обожаватели и љубители на тој жанр. Со бендот има снимено пет албуми.

Патот кон светската слава ќе му ја отвори средбата и соработката со Брајан Кин, познатиот американски композитор, продуцент и гитарист во 1988 година, со кого ќе сними неколку композиции и ќе се позиционира меѓу најбараните и најпрепознатливи автори на етно и традиционалната музика од Блискиот Исток и ќе биде многу често баран за снимање филмска и музика за тв реклами.

Омер Фарук Текбилек соработува со водечки музичари, со меѓународна репутација, меѓу кои се американските џезисти, трубачот Дон Чери, клавијатуристот Карл Бергер, перкусионистот Џинџер Бејкер, израелската пејачка Офра Хаза, палестинскиот виртуоз на ут и виолина Симон Шахин, најпознатиот шпански фламенко пејач Енрике Моренте и многу други. Учествува на бројни турнеи низ Северна и Јужна Америка, Блискиот Исток, Австралија, Европа, чест гостин е во Грција, Унгарија, Турција, Ираел, а во Македонија после долги години договарање ќе имаме чест и можност да го слушнеме на отворањето на „Скопско лето 2017“.

Добитник е на многубројни награди меѓу кои позначајни се:

US Golden Belly Musician of The Year Award за 1998 и 1999 година;

BBC World Muzic Award 2003 во категорија на земјите од Блискиот Исток.

Соработувал со повеќе продуцентски куќи и објавил 20 албуми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП