24 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХуманитарен пазар на ракотворби изработени од бегалци - „Создади надеж“

Хуманитарен пазар на ракотворби изработени од бегалци – „Создади надеж“

По повод светскиот ден на бегалците, денеска, во 18 часот, во дворот на Сули ан во Скопска чаршија ќе се одржи хуманитарен пазар на над 100 ракотворби (накит, цртежи и слики) изработени од бегалци, под мотото „Создади надеж“.

Во февруари и март оваа година се одржаа 15 работилници за ликовна/уметничка терапија со 139 учесници бегалци и мигранти, со цел да им се помогне во справувањето со траумите што ги преживеале во текот на нивното патување кон подобар живот и во подобрувањето на нивната емоционална, духовна, когнитивна и физичка благосостојба.

Седумнаесетгодишно момче кое четири месеци престојува во Транзитен центар – Табановце го сподели својот впечаток од работилниците:

– Овие работилници ми беа безбедно место за социјално дружење. Но, ми беа и повеќе од тоа, тие ми помогнаа да ги изразам своите чувства преку моите уметнички дела и ми ја дадоа потребната самодоверба да извршувам и други активности. Исто така, ми помогнаа да ги развијам вештините што ми се потребни за да станам вистински уметник.

Работилниците за ликовна терапија се организираа во рамки на проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите, спроведуван од Македонското здружение на млади правници во соработка со Отворена порта-Ла Страда.

Собраните средства ќе бидат искористени за потребите на бегалците и мигрантите што транзитираат или престојуваат во Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП