19 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЗелено светло од САД за мегаспојувањето на DuPont и Dow

Зелено светло од САД за мегаспојувањето на DuPont и Dow

Двата хемиски концерни „Dow Chemical Co.“ и „DuPont Co.“ прават голем чекор кон планираното мегаспојување откако проценетиот на 73 милијарди долари договор беше одобрен од американските антимонополски власти.

Американското Министерство за правда објави дека дава одобрение за договорот, под услов компаниите да продадат некои единици за хербициди и хемикалии за да се заштити конкуренцијата. Овие продажби веќе беа објавени од двата концерни и се во процес на подготовка.

За спојувањето беше соопштено уште во декември 2015-та година и првично се очекуваше тоа да заврши во првата половина на 2016-та година, но беше одложено неколку пати, додека американските и странските регулатори да направат проценка.

Плановите за спојување предизвикаа стравувања меѓу земјоделците и еколошките активисти, кои сметаат дека комбинираната контрола врз пестицидите и пазарите на семиња може да ги зголеми цените за земјоделците.

Одобрението од страна на САД следи по „зеленото светло“ од ЕК во март, откако „DuPont“ се согласи да се откаже од дел од своите активности во областа на пестицидите, вклучувајќи и истражување и развој.

Властите во Бразил, Кина и Индија го одобрија договорот додека одлуката на Канада ќе следи допрва. Компаниите соопштија дека „работат конструктивно“ со регулаторите во останатите јурисдикции.

Новата компанија ќе се вика „DowDuPont“ и ќе има две централи – во Мидленд (државата Мичиген) и во Вилмингтон (сојузна држава Делавер).

Во рамките на 18 месеци по спојувањето „DuPont“ и „Dow“ планираат поделба на три одделни, јавно тргувани компании кои се занимаваат со земјоделство, материјали за науката и производство и продажба на специјализирани производи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП