17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНевремето предизвика штети во Скопско

Невремето предизвика штети во Скопско

Екипите на штабот за заштита и спасување на Град Скопје ги расчистуваат на терен штетите што беа предизвикани од големото невреме кое вчера го погоди Скопје и регионот. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска го посети расадникот на ЈП „Паркови и зеленило“, каде градот предизвика поголема материјална штета на објектите (стаклениците) и зеленилото.

ЈП „Паркови и зеленило“ со соодветна механизација ги расчистуваат  паднатите дрва, искршени крошни на стебла и искршени гранки од невремето, а на терен е евидентирано и оштетување на дел од цветните површини низ градското зеленило.

„‘Водовод и канализација’ и ‘Комунална хигиена’ со екипи и механизација работат на терен на чистење сливници и шахти на целата територија на Скопје, но најмногу во Радишани, Бутел, Автокоманда, Чаир и Ченто. На булеварот Александар Македонски со механизација се чистеа наноси на земја и песок“, информира Град Скопје.

Обилните врнежи на дожд и град ги поплавија подвозникот на булеварот „Киро Глигоров“ (кај Бриколаж) и клучката кај хотел „Континентал“. На овие локации краток период се создадоа потешкотии во одвивањето на сообраќајот, а по интервенцијата на ЈП „Водовод и канализација“ и екипите на Противпожарната бригада на Скопје, состојбата за многу краток период се нормализира и сообраќајот се одвива непречено и без застој, информираат од градот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП