3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Атина – Невработеноста во Грција во февруари порасна на 27 отсто во однос на 26,7 отсто од претходниот месец, соопшти Заводот за статистика во Атина. Бројот на регистрираните невработени порасна на 1.320.189 додека 3.568.186 луѓе се регистрирани како вработени. Најголемата стапка на невработеност е меѓу младите од 15 до 24 години старост, од кои без работа се дури 64,2 отсто.

Љубљана – Меркатор во љубљанскиот печат објави огласи за продажба на 76 недвижнини во Словенија. Меѓу другото, ги огласи на продажба паркинзите, деловните простории, магацините, земјиштето, становите, делови од згради и недовршени згради со земјиштето. Понуди се примаат до 10 јуни, а разгледувањето на недвижнините е можно со претходен договор.

Дизелдорф – Продажбата на Хенкел во првиот квартал оваа година изнесува 4,033 милијарди евра, што е раст од 0,6 отсто во однос на претходната година, соопшти компанијата. По корекцијата на еднократната добивка, еднократните трошоци и трошоците за реформите, корегираниот оперативен профит е зголемен на 600 милиони евра, што е раст од 8,9 отсто. Корегираниот приход од продажбата (корегираната ЕБИТ маржа) значително е зголемен за 1,2 процентни поени, од 13,7 отсто на 14,9 отсто.

Стокхолм – Компанијата Тетра Пак, која е светски лидер во производство на решенија за преработка и пакување на храна, лани оствари нето приход од продажбата во износ од 11,16 милијарди евра. Тој резултат покажува раст на приходите за 4,3 отсто во однос на 2011 година. Компанијата со продажба на решенија за пакување на храна оствари нето приход од 9,87 милијарди евра за една година, со што приходот се зголеми за 4,2 отсто во споредба со 2011 година.

Токио – Паднатиот јапонски гигант од областа на електрониката Сони ланската деловна година оствари прв нето профит по пет години, како мала надеж за некогашната успешна фирма. Сони во финансиската година завршена во март, заработи 43,03 милијарди јени (436 милиони долари), по огромната загуба од 345,66 милијарди јени од претходната година, бидејќи слабиот јен помогна во зголемување на конкурентноста на јапонските извозници. Приходите истовремено пораснаа за 4,7 отсто на 6,8 билиони јени, наведе компанијата, додавајќи дека во оваа деловна година очекува нето профит од 50 милијарди јени и приходи од 7,5 билиони.

Мадрид – Шпанскиот нафтен гигант Репсол соопшти дека во првиот квартал го зголемил нето профитот, додавајќи дека добивката би била многу поголема да не беше ланската експропријација на неговите аргентински филијали YPF. Репсол наведува дека во првото тромесечје оваа година нето профитот е зголемен за 1,6 отсто на годишно ниво на 631 милион евра. Аргентинската влада во мај лани ја национализираше нафтената фирма ЅПФ, намалувајќи го уделот на шпанската компанија Репсол во таа компанија од 51 на само 6,4 отсто и предизвика дипломатски спор меѓу Мадрид и Буенос Аирес.

Канбера – Стапката на невработеност во Австралија падна во април на 5,5 отсто, со 50.100 нови работни места, што ги надмина очекувањата на аналитичарите. Австралискиот завод за статистика наведува дека невработеноста минатиот месец е намалена за 0,1 отсто од 5,6 отсто од март, додека аналитичарите очекуваа дека стапката ќе мирува. Аналитичарите очекуваа дека во април ќе се отворат само 12.000 нови работни места, па добрите вести доведоа до јакнење на австралискиот долар во однос на американскиот.

Париз, Вашингтон – Потрошувачката на лекови во САД во 2012 година падна првпат во последните 55 години, главно поради истекот на патентите на некои од најпродаваните лекови, објави во годишниот извештај консултантската куќа ИМС Хелт. Минатата година потрошувачката на лекови на пазарот во САД е намалена за еден отсто во однос на 2011 година, на 325,8 милијарди долари, што претставува прв пад почнувајќи од 1957, кога ИМС Хелт почнале со вакво истражување.

Атина – Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас изјави дека презадолжената Грција мора до 2014 година да ги врати обврзниците на пазарот, откако најновите податоци укажаа на понатамошен раст на веќе рекордната стапка на невработеност. – Се надевам дека Грција до крајот на 2014 година ќе се врати на пазарите, откако ќе постигнеме примарен суфицит и да го вратиме растот – изјави Стурнарас за државната телевизија НЕТ. Официјална Атина од 2010 година не емитува долгорочни обврзници, а моментално емитува само шест месечни записи за да обезбеди свој опстанок покрај исплатите на меѓународната помош.

Отава – Четвртиот производител на авиони во светот, канадската компанија Бомбардие, објави дека првите летови на новиот модел Ц серија, го предвидува за јуни оваа година и дека во првиот квартал 2013 го зголемила нето профитот за четири отсто. Со својот нов модел, со максимален капацитет од 160 патници, Бомбардие се надева дека ќе обезбеди подобра конкурентнска позиција во категоријата на авиони со капацитет од 100 до 200 седишта, во која за сега доминираат Боинг и Ербас.

Букурешт – Компанијата ОмниТракс еден од најголемите американски приватни железнички оператори и уште две компании предале понуди за купување на 51 отсто акции во романскиот национален железнички превозник ЦФР Марфа, соопшти романското министерство за сообраќај. Меѓу понудувачите се и романскиот приватен железнички оператор Групул Феровиар Роман и конзорциумот кој го сочинуваат романската фирма ТФГ и австрискиот инвестициски фонд Донау-Финанс. Почетната цена на ЦФР Марфа е околу 800 милиони леи (180 милиони евра), а победничката понуда ќе се објави на 20 јуни.

Белград – Водечкиот европски сателитски оператор Еутелсат комјуникејшн потпиша договор со Телеком Словенија за пружање на услуги за брз интернет за околу 90.000 домаќинства, кои немаат пристап на широкопојасни мрежи. Новата услуга на сателитски широкопојасен интернет која ќе оди преку сателитот со високи перформанси Ка-Са, на Телеком Словенија ќе овозможи пристап на интернет со брзина на даунлоад од 18 Мбпс и аплоуд до 6 Мбпс на повеќето домаќинства во руралните делови на земјата. За користењето на услугата ќе им треба помала сателитска антена, едноставна за инсталирање и модем. Директорот на маркетинг на Телеком Словенија Симон Фурлан, рече дека пристапот на брз интернет за корисниците постанува клучна услуга, пружа пристап до образование, забава и јавни услуги.

Берн, Токио – Јапонскиот производител на мали возила и моторцикли Сузуки оствари рекорден профит во фискалната 2012-2013 и очекува уште подобри резултати во идната година, Компанијата во соопштението истакна дека во периодот од 1 април 2012 до 31 март 2013 година остварила нето профит од 80,4 милијарди јени (750 милиони евра), што е зголемување од дури 49,2 отсто. Како причина за ваквиот добар резултат, Групата ја наведе зголемената продажба на мини возилата марка вагон Р и спациа во Јапонија, како и солидната продажба во Индонезија и Индија, каде поседува 54,2 отсто капитал од локалниот производител Марути Сузуки.

Њујорк – Американската агенција за кредитен рејтинг Стандард и Пурс го намали долгорочниот кредитен рејтинг на Египет поради неуспехот на владата да ги задоволи финансиските потреби на земјата. Долгорочниот кредитен рејтинг на Египет е намален од Б минус на ЦЦЦ плус, додека краткорочниот рејтинг е намален од Б на Ц. – Ова намалување е одраз на нашето мислење дека египетските власти треба да изработат среднорочна стратегија за управување со фискалните потреби на земјата – се додава во соопштението на агенцијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП