4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајдобрите практики во обновливи извори на енергија презентирани на бизнис форум во...

Најдобрите практики во обновливи извори на енергија презентирани на бизнис форум во Стокхолм

Повеќе од 80 претставници од јавниот и приватниот сектор од Македонија и Шведска ќе учествуваат на бизнис форумот што почнува денеска, во Стокхолм, во организација на Македонија 2025 и Aмбасадата на Р Македонија во Шведска.

Главната тема за дискусија на форумот е производство на енергија од обновливи извори. Шведска е лидер во светот по одржлив развој, а Македонија има големи потенцијали кои треба ефикасно да се искористат. Ќе се презентираат стратегии за развој на т.н. паметни градови и индустрии за управување со отпад, како и можности за соработка помеѓу Македонија и Шведска.

„Нашата цел е да придонесеме кон поголемо вклучување на Македонија во европската економија, како и кон пренесувањето на најдобри практики за одржлив развој кои Македонија може да ги имплементира“, рече меѓудругото Џон Битов (помладиот), ко-основач на МК2025 и успешен претприемач од Канада со македонско потекло, кој заедно со амбасадорката на Р Македонија во Шведска, Александра Наќева Ружин, и Ана Гислер, извршна директорка на Инвест Стокхолм, го отворија форумот. Амбасадорката Наќева Ружин во оваа пригода истакна: „Исклучително сум задоволна од јавно-приватното партнерство меѓу Амбасадата и Македонија 2025 во организација на форумот, кој е одлична платформа за претставување на јавните политики и потенцијалите за меѓуинституционална и бизнис соработка меѓу Р Македонија и Шведска во областа на чистите технологии, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, одржливи градби и транспорт“.

Ваквите настани се од особена важност за Македонија бидејќи, како што кажа и еден од говорниците, Светозар Серафимовски, извршен директор на Гордеа (Coordea): „Верувам дека вмрежувањето, размената на искуства и поврзувањето е важно не само за бизнис заедниците туку и за мојот личен развиток и бизнис достигнувања. Јас сум почестен и среќен што ќе имам можност да ги претставам и споделам моите искуства на Македонија 2025 бизнис форумот во Стокхолм, но исто така и да слушнам и научам од другите”.

Организацијата Македонија 2025 работи на поврзување на македонски професионалци кои живеат низ Европа и светот, како и промовирање на потенцијалите за инвестиции во Македонија. Претходните настани од ваков карактер се одржаа во Париз, Виена, Торонто, Колумбус, Чикаго и други светски метрополи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП