Петтиот опортунистички фонд за инвестиции во недвижности во Европа на „Blackstone“ успеал да привлече од инвеститори 7,8 милијарди евра, соопштува интернет изданието „IPE.com“, повикувајќи се на соопштение на инвестицискиот менаџер.
„Real Estate Partners Europe V“ е и најголемиот инвестициски фонд на компанијата, насочен кон секторот на недвижностите во Европа, додава весникот.
Аналитичарите прогнозираа дека фондот ќе успее да собере до 7,5 милијарди евра, посочува весникот.
Ентони Маерс, кој го предводи одделот за имот на „Blackstone“ во Европа, вели дека над 20% од фондот се инвестирани или се преземени обврски.
„Продолжуваме да гледаме соодветни можности за инвестирање на капитал на континентот, така што носиме безбедност на продавачите и ја зголемуваме вредноста на имотите“, дополнува Маерс.
Фондот врши неколку инвестициски стратегии. Едната предвидува стекнување на деловните згради во Лондон и други водечки градови во Европа, каде што процентот на слободните површини е повисок или каде се очекува висок удел на слободните површини во блиска иднина. Целта е да се постигнат сериозни отстапки од цената.
Во минатата недела инвестициската компанија ја продаде логистичката единица „Logicor“ на „China Investment Corporation“ за 12,25 милијарди евра. Малку подоцна компанијата објави дека купува финска компанија за недвижности за речиси 4 милијарди евра.
Неодамна „Blackstone“ го претекна „Brookfield Asset Management“ и веќе е најголемиот инвестициски менаџер во секторот на недвижностите во светот. Бруто вредност на средствата под управување на компанијата достигна 143,2 милијарди евра, според податоците од годишното истражување на ANREV/INREV/NCREIF.
Компанијата располага со 32,2 милијарди евра, кои сака да ги инвестира во глобалниот сектор на имотите.