23 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОСите погледи се насочени кон Кардиф! Јуве и Реал ќе се борат...

Сите погледи се насочени кон Кардиф! Јуве и Реал ќе се борат за европскиот трон

Реал Мадрид и Јувентус вечерва од 20:45 часот во Кардиф ќе се борат за титулата европски првак. Реал ја брани титулата, а до новото финале стигна со осум победи и само еден пораз и гол разлика 32:17. Од друга страна до финалето „Старата дама“ стигна со девет победи во низа и импресивна гол разлика 20:3.

Кардиф, вечерва, ќе биде центарот на фудбалскиот свет. Реал ќе се бори за својата 12-та титула и ќе се обиде да стане првиот тим кој ја одбранил титулата откако Лигата на шампионите се игра во ваков формат. Јувентус е во поход на третата титула во клупската историја.

Дуелот во Кардиф ќе биде реприза на финалето од 1998 година, кога во Амстердам, Реал славеше 1:0 со голот на Мијатовиќ.

„Натпреварот го очекуваме во мир и тишина. За ова работевме цела година и ќе сториме се трофејот да го донесеме дома. Нема да биде лесно бидејќи Реал ја брани титулата, но знаеме што се направивме досега и таков пристап ќе имаме и во финалето. Сеуште немам донесено одлука околу почетниот состав, мечот може да трае 90 или 120 минути. Во последните три, четири месеци го сменивме стилот на игра. Ако се обидуваш да победиш во 90 минути, потребно е да направиш одредени измени. Морам да ги разгледам опциите“, рекол тренерот на Јувентус Масимилијано Алегри.

Двата тима во финалето влегуваат како шампиони на своите држави, Јувентус ја одбрани титулата во Италија, додека Реал се врати на тронот во Шпанија по пауза од пет години.

„Сите победи кои ги забележавме во текот на годината беа еден вид на тренинг за она што ќе се случува во финалето. Мораме да победиме. Тоа е еден натпревар, мораш добро да анализираш, да знаеш кога треба да нападнеш, кога да се браниш, доколку успееме во тоа ќе ни се зголемат шансите за триумф. Но сепак мора и да се опуштиме и да веруваме дека можеме да го освоиме трофејот“, дополнил Алегри.

Јувентус последен пат финале во ЛШ играше во 2015 година кога загуби од Барселона 3:1. За овој тим новинарите велат дека е најнесреќниот во ЛШ, бидејќи има освоено само две титули, а играл вкупно осум финалиња.

„Слушнав дека луѓето говорат дека Јувентус шест пати губел во финалните мечеви, но јас ќе речам дека тоа е дел од историјата. Никој овде не размислува за она што се случило пред 15 или 20 години. Ова финале ќе биде еден поинаков натпревар“.

Опасноста за Јувентус е и податокот дека Реал на 70 официјални натпревари најмалку еднаш ја тресел мрежата на противникот. Алегри се надева дека серијата може да се прекине во финалето, а дополнил дека не размислува околу можноста да го повтори успехот на Интер и да ја освои тројната круна.

Капитенот на Јувентус, живата легенда не само на овој клуб туку и на светскиот фудбал, Џиџи Буфон, рекол дека неговите соиграчи веруваат во своите можности и дека не се плашат од противникот. Буфон проговорил и за Кристијано Роналдо.

„Роналдо е модел, пример за сите. Играчи како него освоиле многу титули и од нив секогаш можете нешто да научите“, рекол Буфон.

Зинедин Зидан, тренерот на Реал, кој еден дел од својата играчка кариера ја мина во Јувентус, истакнал дека нема фаворит во финалето, дека двата тима имаат подеднакви шанси за титулата.

„Сите знаеме колкав е притисокот врз нас. Ние секогаш сме фаворити, но во финалето фаворит не постои. Но ние сме повторно финалисти и сега се е можно. Оваа сезона завршивме голема работа, ја освоивме титулата во Примера и ќе играме финале во ЛШ. Најважно е дека сите играчи се подготвени“, рекол Зидан.

Реал ќе се обиде да стане првиот тим кој ја одбранил титулата. Низ историјата Реал има освоено 11, а Јувентус две титули во ЛШ или Купот на шампиони.

Зидан не сакал да одговори на прашањата околу составот на тимот и тактиката со која ќе му се спротивстави на Јувентус.

„Во фудбалот мораш да дадеш се од себе за да победиш, особено во ваков натпревар. Сум загубил многу натпревари во кариерата, затоа знам дека е можно да се загуби меч. Истото важи и за Јувентус. Ние ќе се обидеме да ја играме нашата игра“, дополнил Зизу.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП