28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМРТ со најмногу вработени а најмалку гледачи – за што одат парите...

МРТ со најмногу вработени а најмалку гледачи – за што одат парите од таксата?

Новата Влада уште пред да биде избрана најави укинување на радио дифузната такса и финансирање на МРТВ директно од буџетот – што би значело ова? Компаративната анализа на податоците покажува дека јавниот сервис има најмалку гледачи, а најмногу вработени.

Најмногу играна и забавна, најмалку културна и образовна програма

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2016-та МРТВ на своите три канали емитувала 20.755 часови програма или во просек по 56 часа на ден. 11-те приватни телевизии кои зрачат на државно ниво во истиот период емитувале 92.228 часови програма или во просек секоја од нив по 23 часа на ден.

Податоците укажуваат дека на македонските телевизии има најмногу играна и забавна, а најмалку културна и образовна програма.

Така МРТВ на своите канали во просек емитувала по 5 часа филмови и серии, по 6 часа и 40 минути музика, по 5 часа забавни емисии, речиси исто толку и спортски и документарни. За вести биле одвоени по 6 часа и 10 минути на ден, а за друга информативна програма по 5 часа и 15 минути. Реклами имало по 14 минути на ден.

Состојбата кај приватните телевизии е сосема поинаква. Тие во просек прикажувале по 5 часа и 24 минути филмови и серии, три часа информативна програма, нешто над еден и пол час вести. Забавни емисии имало по нешто над 4 часа на ден, а музика 1 час и 24 минути. Приватниците просечно прикажувале секој ден по 1 час и 42 минути реклами.

Број на гледачи – Сител на прво, МТВ1 на последно место

Сител е на прво, а МТВ1 на последно место според гледаноста на националните телевизии. Ова го покажува најновото истражување на Агенцијата за медиуми (АВМУ) кое се однесува на првите четири месеци од годинава.

38.4% од граѓаните се изјасниле дека барем еднаш во текот на денот го вклучуваат телевизорот на Сител. Следат Канал 5 со 36%, Телма со речиси 22%, Алсат со 16%, Алфа со 15.5%, и МТВ1 со 11%.

24 Вести има гледаност од 15%, најголема меѓу телевизиите кои емитуваат преку сателит и кабелска мрежа. Далеку зад нив се ТВ Нова со речиси 5%, Сител 3 со рејтинг од 3.7%, ТВ 21 со 3.5%.

Од странските телевизии кои се достапни преку кабелска најгледан е Discovery, 8.8% од Македонците барем еднаш во текот на денот го вклучуваат овој канал. Зад него е Sport Club со 6.5%, па Fox со 5.4%, National Geographic со 4.4%, Fox Life со 4.3%.

На прашањето „Дали вчера во текот на денот гледавте телевизија“ позитивно се изјасниле 74.8% од анкетираните, а негативно 25.2%.

Број на вработени – МРТВ со повеќе од сите други заедно

Според податоците на ДЗС кои се однесуваат на периодот заклучно со 31.12.2014 МРТВ има повеќе вработени сите национални приватни телевизии заедно.

Јавниот сервис имал ангажирано 852 луѓе од кои 500 во телевизијата, 213 во радиото и 139 во заедничките служби.

Приватниците сите заедно имале вкупно 667 луѓе од кои 28 уредници, 191 новинар, 24 спикери и 340 технички персонал.

Новата Влада најавува укинување на радио дифузната такса

„Владата на Република Македонија ќе предложи укинување на радиодифузната такса. Финансирањето на МРТ повеќе нема да биде преку радиодифузна такса, како задолжителна давачка на граѓаните. МРТ ќе се финансира комбинирано од Буџетот на РМ и други средства, од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ“, пишува во предлог-програмата доставена до Собранието во која се наведува и дека целта била создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните.

„Нашата намера е на печатените и на електронските медиуми да им обезбедиме слобода за информирање на граѓаните, за артикулација на нивните потреби и за развој на медиумскиот бизнис“ стои меѓу другото во предлог – владината програма.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП