21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина го изгради најголемиот инфраструктурен проект во Кенија од нејзината независност

Кина го изгради најголемиот инфраструктурен проект во Кенија од нејзината независност

Кенискиот претседател Ухуру Кенијата го отвори во вторник најголемиот инфраструктурен проект од 1963 година, кога оваа земја ја стекна независноста, првата делница од железничката пруга која вкупно ќе чини речиси 3,3 милијарди долари, со поддршка на Кина.

Оваа пруга ќе го поврзува големото кениско пристаниште Момбаса на африканскиот брег на Индискиот Океан со поголемиот дел од источна Африка, каде што Кина се обидува да ја зголеми трговијата и своето влијание.

Новата пруга ќе замени дело од старата, вкупно долга 1.062 километра, која пред повеќе од сто години Британците ја изградиле од езерото Викторија до Момбаса.

Железниците на Кенија соопштија дека патувањето од Најроби до Момбаса ќе се скрати од сегашните над 10 часа, на само четири часа.

Критичарите сметаат дека пругата што ја гради Кина е прескапа бидејќи цената достига пет отсто од бруто домашниот производ на Кенија. Активисти успеаја со судска одлука да забранат дел од нејзината изградба.

Новата пруга, од која денеска беа отворени 608 километри, е прво поврзување на Момбаса со соседите на Кенија кои немаат излез на море, како Уганда, Руанда и Јужен Судан. Но, тие дури сега би требало да ја започнат изградбата која би траеле четири години, а за тоа време би се изградил и дел од пругата што недостасува во Кенија.

Кина, втората светска економија, е најголемиот трговски партнер на Африка, каде што минатата година во поголем дел ја финансираше изградбата на пругата низ Етиопија.

АП наведува дека Кина има уште планови за Африка во рамки на својот проект „Еден појас, еден пат“.

Идејата за „Нов пат на свилата“ кинескиот претседател ја даде во 2013 година за да ја зајакне соработката со Азија, Европа и Африка.

Оваа идеја, во која Кина е подготвена да инвестира милијарди долари, опфаќа изградба на над 13.000 километри патишта и железници за извоз на кинеска стока, како и работи на пристаништата.

Кинеската ЕКСИМ банка финансираше 90 отсто од овој проект, а владата на Кенија 10 отсто

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП