17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБесплатно болничко лекување и плати од 1600 евра за специјалистите

Бесплатно болничко лекување и плати од 1600 евра за специјалистите

Во предлог-програмата на Владата доставена до Собранието, во делот за здравството, пишува дека веднаш ќе започнат подготовките за воведување бесплатно болничко лекување за сите здравствени осигуреници. Освен тоа, новата Влада планира зголемување на основната плата на сите здравствени работници, со што се очекува основните плати на да бидат двојно зголемени до крајот на мандатот.

До 2020 година платите на докторите-специјалисти во терциерното здравство предвидено е скалесто да се зголемуваат и да изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра.

„Мој термин“ ќе биде заменет со систем кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно утврдени рокови и обврски. Во предлог-програмата пишува дека новиот систем драстично ќе го намали времето за административни обврски на докторите.

Владата во програмата предвидува и изградба на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје и ќе го врати концептот на единствен Универзитетски клинички центар во кој клиниките ќе бидат функционално поврзани. Предвидена е специјализација за најдобрите 10 студенти во секоја генерација и да се зголемат квотите на државните специјализации. Предност ќе имаат дефицитарните специјализации според потребите на здравствените установи и регионите, а за време на специјализацијата на приватните специјализанти, ќе им се исплаќаат плата и придонеси во висина на минимална гарантирана плата за општ лекар.

Во соработка со здруженијата на родители за деца со ретки болести и посебни потреби Владата ќе предложи нови законски регулативи со кои ќе се овозможи грижата за оваа чувствителна категорија да биде посеопфатна, и посигурна.

Во делот на стоматологијата, Владата ќе планира зголемување на капитацијата по пациент за матичните стоматолози и основни бесплатни стоматолошки пакети за деца до 18 години, како што пишува во предлог-програмата, ќе работи и на надминување на состојбата со немање лекови на рецепт по 15 во месецот и зголемена достапност на лекови.

Освен тоа, во предлог-програмата пишува дека ќе се воспостави систем кој ќе оневозможи злоупотреба на пропишаните рецепти и фиктивно трошење на месечните квоти за набавка на лекови. Листата на лекови кои паѓаат на товар на ФЗОМ ќе се ревидира еднаш годишно, со внесување нови лекови во истата и гарантирана застапеност на сите лекови од есенцијалната листа на лекови. Владата ќе се залага барем еден вид орална контрацепција да биде ставен на позитивната листа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП