23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗанаети: модерното го истиснува традиционалното

Занаети: модерното го истиснува традиционалното

Традицијата полека ја губи битката со модерното. Занаетчиството со години оди во надолна линија. Во чаршиите има се повеќе кафулиња, ресторани и продавници, а се помалку мајстори и чираци.

„Ние работиме пред се за странските туристи. Ним им е интересна рачната изработка. Македонците велат дека им е скапо, а не сфаќаат дека она што е изработено овде е уникатно и трајно и не може да се спореди со увезеното од Кина или Индија“ вели сопственикот на последната шапкарска работилница во Старата скопска чаршија.

Сепак, има и занаетчии на кои бизнисот им оди навистина добро. Тоа се пред се оние кои работат со злато, сребро, филигран.

„Моите производи не излегуваат од мода и не губат вредност, но секако мора да ги прилагодувам на модерните трендови. Еве во накитот почнав да вградувам и оригинални кристали Сваровски кои се особено популарни кај младите“ објаснува еден од златарите.

Слична е состојбата и во Охрид. И таму мајсторите работат пред се за странците. Но, имаат и дополнителен проблем – во лето им оди супер, но во зима се случува и со денови никој да не влезе во дуќанот.

„Јас сум задоволен со работата. Грев е да се жалам. Моите дела се интересни за странците. Најмногу ги купуваат оние од Далечниот Исток – Јапонците и Корејците кои последниве години за среќа ги има и во поголем број“ објаснува занаетчија кој изработува украси од метал.

Занаетчиството опстојува и во нови форми. Од една страна има се помалку ковачи или јорганџии но се повеќе механичари или сервисери кои исто така се сметаат за занаетчии.

Занаетчиството опстојува, но во нови форми. Фризерите ги истиснаа берберите. Ковачите речиси исчезнаа, но на автомеханичарите и на сервисерите на бела техника им оди добро. Се појавија и монтажери на клима уреди, на соларни панели.

Ваквите релативно нови занаети се и повеќе од профитабилни. Така велат оние кои се одлучиле за рачната работа. Дури имале и проблем да најдат чираци и квалификувани работници.

„Да се воведе подолготрајна практична настава, два дена на праска на пример три во школо и обратно, но немаме позитивно мислење од школите“, објаснува сервисер на бела техника.

Освен наоѓањето наследници и работници, најголем проблем за занаетчиите е нелојалната конкуренција. Дивите мајстори им ги земаат муштериите, но и им го нарушуваат имиџот. Сепак, во Комората на занаетчии велат дека предизвиците полека се надминувале.

Во Македонија има над 7.000 пријавени занаетчии кои работат во 300 регистрирани дејности.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП