25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоделени наградите на ЕУ за истражувачко новинарство, Александар Димитриевски со најдобра истражувачка...

Доделени наградите на ЕУ за истражувачко новинарство, Александар Димитриевски со најдобра истражувачка сторија во 2016 година

Делегацијата на Европската Унија во Македонија ги додели наградите за истражувачко новинарство за 2016 година.

Жирито на чело со Марина Тунева наградата за најдобра истражувачка сторија за 2016 година му ја додели на новинарот Александар Димитриевски за сторијата „Субвенции за растително и сточарско производство“, објавена на истражувачката мрежа Призма.

Второто место му припадна на Зоран Јовановски со сторијата „Пеплишта на смртта“, објавена во емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија. Наградата за најдобра сторија на млад новинар ѝ припадна на Славица Филиповска за темата „Бугарски пасоши за чиста Македонија“, објавена исто така на емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, при доделувањето на наградите рече дека новинарите трпат големи притисоци на работното место, имаат мали плати, а, сепак, си ја вршат својата работа професионално и објективно.

„Во име на ЕУ сакаме да им искажеме почит за работата и за борбата за вистината. Новинарите играат корективна улога во општеството, а истражувачкото новинарство се бори против корупцијата и организираниот криминал. Им благодариме на сите новинари за нивната макотрпна работа“, рече Жбогар.

Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство се доделува трета година по ред, а за 2016 година се пријавиле 26 автори со 32 стории.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП