27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАAнализа за почетокот на летната туристичка сезона

Aнализа за почетокот на летната туристичка сезона

Туристичко-угостителската комора на Македонија (ТУК) излезе со анализа пред почетокот на летната сезона, во која вели дека дел од аранжманите се продадени. Тоа е резултат на создадената навика кај граѓаните за неколкумесечна предвремена резервација на летните одмори и поради вклучениот попуст што го даваат агенциите.

„На прагот на летната сезона дел од македонските туристи веќе имаат одлучено и резервирано аранжмани за ова лето. Тоа го направиле уште на крајот на минатата година, поради актуелните попусти кои се нудат со раната резервација. Сепак, како резултат на случувањата и неизвесноста поголем дел од граѓаните сè уште не се одлучиле каде ќе летуваат годинава и термините за одмор ги добиваат подоцна во текот на сезоната. Тогаш, застапена е побарувачката ‘Last Minute’, која е поволна, но изборот е сведен на минимум и дефинитивно кога станува збор за заштеда на семејниот буџет, многу попристапни се раните резервации. Туристичката понуда за оваа летна сезона е различна, од вообичаените аранжмани за Грција, Турција, па сè до понуди за Азурниот Брег, Шпанија, Малдиви, Сејшели, Маурициус, Бали, Куба и други поегзотични и нетрадиционални дестинации. Најбарани се аранжманите за Грција и Турција со анталискиот регион. Добрата организираност, високиот квалитет на услугата во хотелите, морето и поволната клима се секогаш причини поради кои Турција се бара и посетува. Годинава цените за Турција се многу поволни и се движат од 299 евра по лице вклучувајќи и авионски превоз, хотел со пет ѕвезди“, вели Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК.

Од ТУК очекуваат поради близината и актрактивноста Грција и годинава да биде најпосетена дестинација за македонските туристи.

„Согласно сегашниот тек за претстојната летна сезона, Грција останува најбарана дестинација. Македонските туристи знаат што да очекуваат со уплатата на аранжманот, цената си го носи и квалитетот зависно дали хотелско или апартманско сместување, а секако и дестинацијата. Застапеноста е поголема за поблиските места, а често граѓаните одат и на проверени дестинации, онаму каде летувале, и тоа го прават години наназад. За пред и по сезона има голема заинтересираност поради тоа што се работи за поевтини понуди и се случува граѓаните да одат и по двапати на одмор. Во екот на сезоната интересот е голем за островите во Грција, особено од помладата популација. Како агенција работиме на зголемување на понудата, последните години хит дестинации се островите Скијатос, Лефкада, Амулијани. Што се однесува до цените, има мали поместувања нагоре, но долгогодишното партнерство влијае да не се зголемат цените кон нас, квалитетот и услугата да останат исти, а ние понатаму остануваме коректни и можеме да понудиме прикладни цени и кон домашните туристи “, изјави Александар Чоневски, првиот човек на „Игуана травел“.

Во последните неколку години туристите кои сакаат да излезат од класичниот одмор пројавуваат интерес и за далечните дестинации, како Дубаи и другите Емирати, Рас Ал Кајам, Ајман и, секако, за Куба, Малдиви, Занзибар и други егзотични дестинации, како и за крстарења.

„Овие дестинации стануваат сè поатрактивни за нашите патници, како замена за класичен одмор од седум до десет дена само на едно место. Посебно оваа година, поради цената, атрактивни се понудите за одмор во Египет и Тунис и за дестинации како Крит и Родос. Покрај веќе познатите дестинации, кои ги нарекуваме еден вид традиционалните одмори, она што ние ексклузивно го нудиме е летување во Обединети Арапски Емирати, кое почнува од јули поради достапните летови од Скопје до прекрасни плажи и хотели со вистински 5 ѕвезди. Нашата понуда е за Рас Ал Каимах, Шаржа, Ажман, а веќе е достапна за секого, притоа имајќи ги предвид фамилијарните одмори во хотел, две деца може да летуваат гратис. Летување на некоја од егзотичните дестинации без визи и со прифатливи цени како Занзибар, Бали, Шри Ланка, Куба се само дел од нашата богата понуда“, изјави Мимоза Конеска-Каимовски, генерален менаџер на „Војажер“.

Според ТУК, годинешната летна туристичка сезона, согласно првичните проценки кои се направени, има мали осцилации поради влијанието на политичката криза. Но, се очекува стабилизација на пазарот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП