5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДипломатскиот синдикат бара од новата влада да ги запре штетните економски политики

Дипломатскиот синдикат бара од новата влада да ги запре штетните економски политики

Синдикатот на македонската дипломатска служба бара новата влада да реагира негативно на пораките да се продолжи со политиките за странски инвестиции кои ги воспостави ДПМНЕ, а со цел, како што велат, „да превенираме евентуални ветувања или позитивно разгледување на нивните барања“.

„Политиките на ДПМНЕ за странските инвестиции прераснаа во базичен генератор на каскадно рушење на синдикализмот и работничките права во Македонија. Притоа, не само што ние како општество не профитиравме од тие честопати крајно коруптивни зделки со тие „странски инвеститори“, туку и доживеавме огромен одлив на средства од Македонија и пауперизација на државниот буџет. Како што покажуваат одредени истражувања, Владата во периодот 2007-2015 потрошила околу 160 милиони евра за странските инвестиции, кои пак исплатиле само 90 милиони евра плати на работниците, а оствариле вкупни компаниски профити од 235 милиони евра.

Овие податоци кристално јасно ја илустрираат отворената финансиска штета што сите ние ја трпиме. Да биде ситуацијата полоша, при остварувањето на овие профити, многу од компаниите грубо, па и најгрубо ги кршеа работничките права. Следствено, за да го заштити тоа, Владата на ДПМНЕ најпрвин почна со рушење на процесот на транспарентност на таквите зделки, за да потоа ги „освои“ кровните синдикални структури, со цел да попречи тие да ги отвораат легитимните грижи, за да продолжи со застрашување на новинарите што ќе се „дрзнеа“ да ги истражуваат овие феномени, за да најпосле преземе и нормативни зафати во сферата на ограничување на синдикализмот и во сферата на самите работнички права со бескрупулозни рестрикции и воведување финансиски цензус во правните процедури, односно енормно покачувајќи ги трошоците за водење работни спорови. Посебен облик на институционална деградација беше воведувањето тнр. „економски промотори“ како паралелен и спротивставен на дипломатската мрежа систем на надворешно политичко, пардон економско претставување. Сепак, најголемата деградација и нехуманост е упорното „продавање“ на македонската работна сила како најевтина не само во Европа, туку и пошироко.

Мора да се престане со ваквите штетни економски политики! Ползата од економските политики која ја имаат граѓаните и државата мора да биде поголема од ползата која ја имаат самите компании! Посебно треба да се има предвид дека привилегирањето странски компании на штета на македонските/ домашните – не е ништо друго, туку еклатантен облик на дискриминација! Таа е и двојно поголема ако се точни податоците кои протекоа до македонската јавност дека зад дел од тие „странски инвеститори“, всушност, стојат домашни правни и физички лица, блиски до ДПМНЕ!!! Со тоа, всушност, нееднаквоста во македонското општество кулминира до досега невидени размери.

Од тие причини, БАРАМЕ Мандатарот да се апстрахира од пораките на тнр. „странски инвеститори“, да се ревитализираат научно- и експертско-истражувачките функции и на нашите институции и на граѓанскиот сектор, со цел фактографски и квалитетно да се пристапи кон демонтажа на инсталациите на ДПМНЕ и целокупна реформа на надворешната економска политика, како стожер на целокупниот општествено-економски систем, но и стожер на работничките права и синдикализмот во Македонија“ велат од Синдикатот на македонската дипломатска служба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП