22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСпоменикот на Mајка Тереза го добива својот финален изглед

Споменикот на Mајка Тереза го добива својот финален изглед

Споменикот на Mајка Тереза вреден 5,5 милиони евра, кој го гради Миинистерството за култура во срцето на Скопје, го добива својот финален изглед. Армирано-бетонските и изолаторските работи се речиси готови.

Од работите на терен може да се забележи дека моментално се работи на обложувањето со мермер и се поставуваат релјефите. Месец дена Макфакс не може да добие одговор од Министерството за култура кога се очекува споменикот да биде готов. Оттаму во неколку наврати изјавија дека чекаат информации од изведувачите на градежните работи.

Според проектот, изведувачот треба да изгради објект со тераса, фонтана, како и споменици на Мајка Тереза, милосрдни сестри, ангели, декоративни венци во форма на пехар и други релјефи. Според документацијата, фонтаната треба да биде направена од големи карпести површини од травертин, со што ќе се добие изглед на природна карпеста површина.

Во карпестата фонтана ќе бидат поставени скулптури од бел мермер на Мајка Тереза со болно дете и родители, милосрдна сестра со инвалид, милосрдна сестра со болен што седи, милосрдна сестра со болен што лежи и милосрдна сестра со болен што седи на карпа.

На објектот во висина од 16,5 метри ќе бидат поставени централен ангел со крилја висок 3 метри, четири ангели што седат со висина од три метри, четири мали ангели со висина од 2 метри. Под терасата ќе бидат поставени декоративни скулптури, а ќе има и декоративен елемент во форма на пехар.

Споменикот требаше да го изгради Субрата Рој уште во јануари 2013 година. Заедно со тогашниот премиер Никола Груевски тие ја открија спомен-плочата на Мајка Тереза токму на просторот каде што се гради споменикот. Набрзо Рој беше затворен во Индија заради тоа што не им платил оштета на своите инвеститори, па споменикот реши да го гради Министерството за култура.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП