17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПроблеми со производите или гаранциите – каде да се пожалите?

Проблеми со производите или гаранциите – каде да се пожалите?

Муштеријата е секогаш во право – оваа изрека не е целосно точна во реалноста. Македонците не се доволно информирани, најчесто не знаат кога и каде треба да се обратат доколку купат неисправен и несоодветен производ, велат од

Само во 2016-та до Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) стигнале 3.658 поплаки што е за речиси 1.000 повеќе во однос на 2015-та.

„Во првиот квартал на 2017-та година во се поголем број решија да се обратат до нас преку електронската пошта за советувања, социјалните мрежи и формуларот на веб страницата на ОПМ. Ги охрабруваме потрошувачите да ги користат овие методи на комуникација како поефикасни и побрзи, но секако се уште сме достапни и преку конвенционалните начини за советување преку телефонскиот број 02 / 3179 – 592“ велат во ОПМ.

Граѓаните најчесто се жалеле на неквалитетни производи кои се расипале непосредно по купувањето како и за непочитување на гарантните рокови.

Во ОПМ објаснуваат и дека често се случува потрошувачите да добијат одговор од сервисот дека производот им е механички оштетен и да им биде прекината гаранцијата, и покрај тоа што во повеќето случаи потрошувачите тврделе дека нема никакво оштетување.

Најчесто проблеми има при сервисирање на мали кујнски производи – блендери, миксери и слично. Според поплаките, и покрај тоа што овие апарати го имаат најкусиот законски утврден рок од 6 месеци, често се расипуваат и во првите 2 месеци, по што следат континуирани сервисирања кои скоро секогаш траат по 30 дена.

„Апелираме до потрошувачите, во вакви случаи да бараат продолжување на гарантниот рок, поради тоа што согласно Законот за заштита на потрошувачите, гарантниот рок на производот се продолжува за онолку време колку што истиот е даден на сервисирање. Потрошувачите секогаш мора да бараат да им биде даден сервисен налог со точни датуми на предавање и примање на производот, што е единствен доказ за извршеното сервисирање“ велат во ОПМ.

Граѓаните може да побараат совет и да се пожалат на одреден производ или услуга секој работен ден од 10.30 до 14.00 часот на телефонскиот број на ОПМ: 02 / 3179 – 592.

Освен организацијата на потрошувачи и повеќе државни органи воведоа директни телефонски линии за пријавување на неправилности.

Расипана или храна со изминат рок се пријавува во Агенцијата за храна на 0800 3 22 22.

Високи телефонски сметки или лоша услуга од телекомуникациските оператори се пријавува во Агенцијата за електронски комуникации на 190.

Неиздавање фискална сметка и слични проблеми се пријавуваат до Државниот пазарен инспекторат на 02 / 3220 – 547.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП