16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапочна проектот „Обединети преку спорт“

Започна проектот „Обединети преку спорт“

Граѓанската организација ТАКТ, со поддршка на Американската амбасада во Македонија го започна проектот „Обединети преку спорт“.

Целта на проектот е да се промовира социјално вклучување на маргинализираните групи преку спортски активности, зајакнување на жените, решавање на конфликти и градење на мир преку спорт.

„Спортот по својата природа промовира учество, граѓанство и помага кон градење на инклузивно општество и затоа претставува моќна алатка за поврзување на поединците и заедниците. Спортот е особено важен за зајакнување на жените и маргинализираните групи на луѓе, кои во рамките на спортските активности добиваат одлична можност за личен раст и развој. Проектот „Обединети преку спорт“ ќе создаде мрежа на спортски лидери, кои ќе учествуваат на работилници и активности за градење на капацитети, предводени од национални и меѓународни експерти. Лидерите ќе развијат и имплементираат акциски планови во нивните заедници, а ќе имаат и можност да се пријават за учество на двонеделна програма за спорт во САД”, изјави Силвија Митевска, Претседателка на ТАКТ.

Проектот го поддржува и Агенцијата за млади и спорт, како и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

„Oвој проект ќе придонесе да ги елиминираме стереотипите дека овој свет е свет на мажите и ќе придонесе за промоција на родовата еднаквост во секаква смисла на спортскиот терен. Горди сме што Агенцијата за млади и спорт ќе учествува во овој проект со логистичка поддршка и дополнително ќе вклучи свои вработени во овој проект, кои во иднина веруваме дека ќе ја пренесат целосната идеја на проектот како спортски лидери низ целата територија на Македонија со една цел за здраво и еднакво општество, без стереотипи”, изјави Марјан Спасески, Директор на Агенцијата за млади и спорт.

На настанот беа споделени и очекувањата за конкретни резултати од проектот, изработка на прирачник за социјална инклузија на маргинализирани групи на луѓе преку спорт и поголема вклученост за жени во спорт, кој ќе биде достапен за сите спортски работници и спортски промотори, како и мрежа на спортски лидери од кои се очекува да направат промени во своите заедници.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП