Повеќе филмови, помалку посетители – кино салите со намален обем на работа.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2016-та на репертоарите на кината во Македонија имало 985 наслови, 12 повеќе од 2015-та. Од нив 931 биле странски, 40 домашни и 14 копродукциски.
Во 2016-та биле продадени 441.017 билети што е за речиси 17% помалку во однос на 2015-та кога биле продадени 529.616.
Странските филмови се далеку попопуларни од домашните – 415.183 наспроти 19.964 продадени билети.
Повеќе од половина од посетителите на кината, 324.120, биле во Општина Карпош каде се наоѓа комплексот на Cineplexx со 9 кино сали и Кинотеката на Македонија. Во Општина Центар биле продадени 55.313 билети, таму се наоѓа градското кино Милениум и киното Фросина кое работи во рамки на Младинскиот културен центар.
Во другите скопски општини нема филмски проекции, а од останатите градови на прво место е Битола со над 42.137 посетители, а далеку зад неа е Струмица со 11.040, Куманово со 3.307, Прилеп со речиси 2.000, Свети Николе со 1.360 и Охрид со 1.122. Кината во Струга, Штип, Гевгелија и Крива Паланка имале по помалку од 200 посетители за цела 2016-та година.
Анализата на ДЗС покажува дека во Македонија има само 14 кино комплекси со вкупно нешто над 7.000 седишта, од нив 4 се во Скопје (по два во Карпош и во Центар) а во другите градови само по еден.
Состојбата е далеку од „златните времиња“ на македонските кина од седумдесеттите и осумдесеттите. Видеотеките, а подоцна и пиратските DVD-а и симнувањето филмови од интернет направија огромни штети.
Во последните десетина години згаснаа култните кина во главниот град. Повеќе не работат Култура, Манаки, Парадизо, Вардар 1 и 2, Напредок. Ги нема ниту локалните кина кои функционираа во општините. Остана уште градското кино Милениум во ГТЦ со капацитет од 500 седишта, а состојбата се подобри со отворањето на 9-те кино сали на Cineplexx во трговскиот центар Скопје Сити Мол со вкупно 1.400 седишта. Во Младинскиот културен центар има две кино сали, но немаат редовен репертоар, работат по потреба, најчесто организираат проекции за филмски фестивали и филмски ревии.
Состојбата со кино салите не е подобра ниту во другите градови. Освен Битола, Охрид и Кавадарци другите општини во внатрешноста немаат кино сали во кои има редовен репертоар. Филмови повремено се прикажуваат во 20-тина домови и центри за култура кои ги опреми Агенцијата за филм во соработка со министерството за култура со кинопроектори, проекциони платна и друго. Дел од нив се центрите за култура во Струмица, Неготино, Кочани, Кичево, Куманово, Крива Паланка, Делчево, Велес, Прилеп, Гостивар, Дебар, Тетово, Ресен, Радовиш, Пробиштип и Кратово.
К. Н.