20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија меѓу најевтините земји во светот?!

Македонија меѓу најевтините земји во светот?!

Македонија е меѓу најевтините земји во светот според анализите на Time и на GoBankingRates. Од друга страна е во врвот во Европа според стапката на сиромаштија и има меѓу највисоките стапки на невработеност.

Time: Македонија меѓу десетте најевтини

Македонија е меѓу десетте најевтини земји во светот. Така барем тврди анализата на американскиот магазин Time која прави споредба меѓу просечните цени и куповната моќ на населението.

Time ги споредува државите со трошоците во Њујорк, па така во Македонија куповната моќ е за 49% пониска, а од друга страна кириите се помали за дури 94%, продуктите за 73% а локалните добра и услуги за 69%.

Според оваа анализа десетте најевтини држави се Јужна Африка, Индија, Косово, Саудиска Арабија, Казахстан, Замбија, Оман, Парагвај, Чешка и Македонија. Од регионот зад нас е Босна на 11-то место, па Србија на 18-то и Црна Гора на 26-то.

GoBankingRates: Македонија супер евтина

И истражувањето кое неодамна го објави GoBankingRates ја сместува Македонија меѓу најевтините земји. Според нивната анализа топ 10 најевтини се Македонија, Чешка, Парагвај, Оман, Замбија, Казахстан, Саудиска Арабија, Индија и Јужна Африка.

Од 20. до 11 место се наоѓаат во главно држави од нашето соседство: Бугарија, Грција, Србија, Малезија, Чиле, Молдавија, Пакистан, Колумбија, Полска и Босна и Херцеговина.

Критериумите кои ги земале во предвид се просечната плата, трошоците за сместување, цена на производи, ресторани и превоз.

Статистика: секој четврти Македонец сиромашен

И додека според меѓународните анализи Македонија е меѓу најевтините земји во светот, според домашната статистика секој четврти жител на земјава живее во сиромаштија.

Стапката на сиромаштија изнесувала 21.5% во 2015-та. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во однос на 2014-та е намалена за 0.6, а во однос на 2013-та за 2.7 процентни поени.

445.000 Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 78.000, а за четиричлено домаќинство 164.000 денари годишен приход.

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 28.6%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 14.5%.

39.7% од невработените, 8.9% од вработените и 7.3% од пензионерите живеат во сиромаштија.

Според истата анализа 5.8% од домаќинствата немаат када или туш; 6.9% немаат внатрешен тоалет; 3.8% немаат фиксен или мобилен телефон; 0.7% немаат телевизор; 28.5% немаат компјутер; 5.4% немаат машина за перење; 39.7% немаат автомобил; а 12.9% имаат покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци.

Благ пораст и на трошоците и на платите

Државната статистика измери дека трошоците за живот пораснале за 1% а цените на мало за 2.2% за една година. Најголемо поскапување има во категориите комуникации (9.7%) како и цигари и алкохол (6.1%). Намалување има кај категориите рекреација и култура (-0.7%) како и храна и пијалаци (-0.4%).

Статистика ги објавува трошоците на живот и цените на мало, но веќе со години не ја анализира потрошувачката кошница. Единствено Сојузот на синдикати (ССМ) прави вакви пресметки, но нередовно. Последните податоци се за јануари годинава кога минималната кошница била „тешка“ 32.199 денари или 0.2% помалку во однос на јануари лани.

Според последните податоци кои се однесуваат на февруари просечната плата на ниво на Македонија изнесува 22.347 денари. Во јануари била нешто повисока, 22.750 денари. Оттука со просечна плата може да се наполни само 70% од минималната кошница.

Сепак, малкумина ја земаат просечната плата. Според анализите на Finance think дури две третини од работниците имаат примања пониски од просекот.

Европски плати: најниски во Украина, највисоки во Швајцарија

Според податоците на Евростат во Европа најниска просечна плата се исплаќа во Украина, изнесува само 180 евра. Следат Молдавија со 230 евра, Белорусија со 349, Македонија со 380, Албанија со 397, Бугарија со 406, Србија со 432, Босна со 436, црна Гора со 508 евра.

Најдобро платени се работниците во Швајцарија, просечната месечна плата изнесува фантастични 5.020 евра! Во Норвешка просекот е 3.700, во Исланд 3.367, во Шведска и Данска по 3.100, а во Финска, Франција и Ирска по околу 2.500 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП