6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦрна Гора не се плаши од економските санкции на Русија

Црна Гора не се плаши од економските санкции на Русија

Црна Гора ги следи своите интереси кога е во прашање членството во НАТО, а кога официјално ќе стане членка очекува подобрување на односите со Русија, порача Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора.

Русија не гледа благонаклоно на влегувањето на Црна Гора во сојузот на НАТО. Од Москва, во последните месеци честопати можеа да се слушнат пораки на прекор кога е во прашање членството на Црна Гора во НАТО.

„Ние не можеме да одговараме на никаков агресивен начин, можеме само да се заштитиме себеси. Немаме апсолутно никакви амбиции да влегуваме во судири со една суперсила, туку да го браниме она што го сметаме за наш национален интерес. Апсолутно ги разбираме интересите на Русија кога е во прашање нивното видување на глобалниот свет. Ние со тоа видување не се согласуваме, но ги разбираме. Исто така, ние имаме свои интереси“, изјави Дармановиќ.

Тој порача дека тие интереси не се од вчера, туку се запишани во Декларацијата за независност.

„Секој што гласаше за независна Црна Гора во 2006 година, знаеше дека тоа подразбира наше членство во ЕУ и во НАТО. Тоа го знаеја нашите пријатели и евентуални противници. Ние не донесовме никакви ненадејни одлуки, донесовме одлуки што беа дел од нашата стратегија. Се надеваме дека ќе се подобрат односите кога ќе станеме членка на НАТО. Се надеваме дека Русија би можела на рационален начин да ја согледа таа ситуација. Нашите економски односи не беа лоши. Политичките односи во оваа фаза беа речиси замрзнати. Воопшто не гледаме дека една земја-членка на НАТО мора да има лоши односи со Русија, напротив. Веруваме дека би можело да дојде до некои подобрувања. Но тука треба да бидеме реални. Со напорна работа во обновувањето на тие односи, можно е многу да се постигне. Ние се надеваме на еден рационален пристап, а подготвени сме и ако не се случи тој пристап“, изјави Дармановиќ за Агенцијата Анадолија.

Русија неодамна воведе забрана за увоз на вино од Црна Гора, а некои руски телевизии започнаа кампања оваа сезона руските туристи да не летуваат тука. Дармановиќ истакнува дека Црна Гора не се плаши од економските санкции на официјална Москва.

„Југославија во 1948 година зависеше исклучиво од нив, па не умре од глад, а нема ни ние. Во економски санкции не верувам, не се плашиме од тие санкции. Ние сме отворена земја. Русите не се најголемите инвеститори во Црна Гора. Ние веруваме дека нивните граѓани имаат голем интерес да доаѓаат на море во Црна Гора. Јадранското Море е најбезбедното море што тие можат да го добијат и ние веруваме во економскиот резон, а не резонот на политички наметнати економски санкции. Мислам дека порано или подоцна ќе превладее рационален пристап. Овие санкции може да траат извесно време, но нема да дадат резултати. Се надеваме дека ќе дојде до обнова на овие односи, а меѓу останатото, кај руските туристички организации не забележавме пад во регистрирањето на туристите за оваа сезона“, рече Дармановиќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП